Старите и новите митови

Како Македонците останаа без национална стратегија во случај да биде загрозена државата, и во 21 век да бидат доведувани во прашање нивната национална самобитност, јазикот, писмото, историјата, културата, права и достигнувања што претходни генерации ги извојувале со тешка мака и не мал број жртви

Четврти мај, денот на погибијата на Ѓорѓи Николов Делчев, попознат како Гоце Делчев, е несомнено добар повод, 115 години подоцна, да се поведе дијалог по прашањето дали Македонија, поточно Македонците како народ имаат свои политички митови, свои историски идоли и национални јунаци. Аналогно на тоа, следува и другото прашање: што припадниците на тој народ меѓусебно ги зближува и обединува, а што ги разделува. Истото прашање може да се постави и поинаку – која е причината што и по 27 години од осамостојувањето (свои на своето), Македонците немаат постигнато нужно, елементарно, национално единство по клучните прашања за опстанокот и развојот на сопствената држава. И како останаа без национална стратегија во случај да биде загрозена државата, и во 21 век да бидат доведувани во прашање нивната национална самобитност, јазикот, писмото, историјата, културата, права и достигнувања што претходни генерации ги извојувале со тешка мака и не мал број жртви.

Што се однесува до митовите, тие секако се пожелни, одигрувале голема улога во минатото, но од нив не се живее во сегашноста, ниту пак врз нив може да се гради иднината во денешниот дигитален свет или во утрешниот уште поразвиен свет што се шири без техничко-технолошки граници. Карактеристично за Македонија и Македонците е што поминаа низ повеќе фази низ кои замираа, умираа, залудно се трошеа и гаснеа такви митови, главно произлезени од историјата, не од бајки и сказни.

Мојата (нашата) генерација го виде умирањето на митот за Тито, за комунизмот и социјализмот како општества на рамноправни граѓани и како неразрушлив систем пред кој стои блескава иднина. Позитивните ефекти од тоа уривање беа создавањето слободна, независна и суверена Република Македонија, единствен вековен мит што се претвори во стварност. И толку. Потоа следува негово уривање, преку низа неразбирливи политики на новоформираните партии, преку дваесет и петгодишната беспоштедна борба на партиите од таканаречениот македонски корпус. Со страв да не се претерува во тврдењето, сепак може да се рече дека Македонија, наместо да се развива нагоре, дозволува сама да се распаѓа однатре, да оди сѐ подолу и подолу во рангирањето на сериозни и стабилни држави.

Кога би размислувале набрзина и со такво темпо би донесувале заклучоци, би наброиле неколку примери за македонските митови и заблуди во последните години. Оживување митови за кои првично се мислело дека ќе донесат позитивни ефекти, за подоцна да се констатира дека донеле ненадоместливи штети.
На пример, кај дел од македонскиот народ со децении живееше митот за ВМРО и за неколку нејзини дејци чии имиња и дела беа табу-тема во еднопартискиот систем. На тој мит новата партија во плурализмот освојуваше неколку изборни победи. Денес слободно може да се констатира дека никој не го обезвредни, не го посрамоти митот за ВМРО како самите челни луѓе на ДПМНЕ (и нивните сателити) во сите состави. Од тој мит останаа само трошки.

Заради редица светски околности умре митот за обединета Македонија и фалшивиот повик „Солун е наш“. Додека тој пуст сон и таа парола живееја во нечии глави, Струга, Кичево, Тетово, Гостивар го изгубија историското значење на македонски градови, останаа само географски поими, географски одредници. Потрошена е и будалестата илузија за „кратење на канџите“ и за „конечна пресметка“ со Албанците, кои се наметнуваат не само како неизбежен туку во најголем број случаи како решавачки фактор во носењето политички решенија, во нивна национална корист, а на македонска штета.

Оживувањето и величењето на митот за Александар Македонски, во последнава деценија, и квазиисториските обиди за поврзување на генезата на македонскиот национален идентитет со неговото време, со неговите корени, може да се посматраат двострано. Од една страна со симпатии доколку беше прикажан како дел од светската историја, цивилизациско наследство и универзална величина, а од друга како карикатура на македонската наивност и израз на македонскиот менталитет за поводливост и некритичко расудување што е корисно, а што штетно. Изместувањето на македонскиот народ од неговото словенско потекло и од неговата христијанска, православна вера, е тргнување по патишта што него може да го однесат само до бездната, до национално непрепознавање меѓу народите и атласот на јазиците. Неоспорно е дека тој Александар е Велики, таков е и татко му Филип, неоспорно е дека во сите книги тие се македонски кралеви, но македонската владејачка гарнитура, наместо вистински да го вреднува и воздигне, тој мит го злоупотреби за уште една национална поделба на антички и словенски Македонци, даде уште еден прилог кон разединувањето.

На таа историска евокација успешно се надоврза замената (ревизијата) на историјата на Македонија на 20 век, кога Никола Груевски и ДПМНЕ партиските интереси ги ставија над државните, кога нагласен приоритет им дадоа на настаните поврзани со основањето и дејноста на ВМРО, а на маргините ги ставија најуспешните години од антифашистичката борба на македонскиот народ 1941-1945 година. Бришењето на трагите од тоа светло револуционерно и комунистичко време за Македонија го направија мошне успешно, величејќи еден крајно контроверзен период и личностите во него, заменувајќи едни, можеби лажни факти, со други уште полажни. Врв на некритичноста кон историјата и непочитување на колективната памет на нацијата беше поставувањето на споменикот на Ќосето, познат ликвидатор, сечач на македонски глави. Притоа, перфидно намалувајќи ја улогата на Гоце Делчев, револуционер што не беше вистински вмровец. По политичка определба, социјалдемократ, по вера унијат, Делчев не се вклопуваше во вмровската елита и не го доби заслуженото место што го имаше во претходниот систем.

Напред изложениот краток преглед за митовите нѐ доведува до најновиот – митот за НАТО и ЕУ, организации што не признаваат мината историја и кои, кога Македонија ќе стане нивна придружничка, ќе ги закопаат сите претходни факти што го крепат македонскиот идентитет. Видливо е дека, и покрај сите напори на креаторите на политиката за брз влез во овие сојузи, и покрај силната домашна и меѓународна пропаганда, мнозинството граѓани (Македонци) бранејќи ги силно националното самочувство, идентитетот, јазикот и достоинството не се обединуваат околу тој проект.

Граѓаните, како и секој човек, бараат државата да си ја почитува својата биографија, без разлика колку е таа контроверзна, колку и да менувала идеологии и партии, имала или немала национални херои. Во целата ситуација, можеби затоа што нема национални јунаци, или сите се омаловажени и морално ликвидирани, Македонците се лесна цел за соседите и за сите со кои сакаат да се натпреваруваат. Сега Македонија личи на држава без биографија, без солидно си-ви. Затоа и опседнатоста со митот за НАТО и ЕУ можеби од надежна блескава победа може да се претвори во тежок национален пораз. Особено ако се попушти на сите барања и услови што се поставуваат за прием во овие организации.