Владо Димовски

Преводи… Ако речам дека преводите на книги, особено од српски или од хрватски јазик ни се катастрофални…. Верувам некои ќе се согласат со мене, некои ќе речат: Претеруваш!… Но, секој има право на свое мислење.
Најчесто употребуван збор во многу преведени текстови е – се работи. Пример…
– Да ви кажам, рече Мирко, во овој случај се работи за класична измама.
– Не, не е точно, му врати Петар, се работи за невнимание.

Прашањето што си го поставувам гласи: Зошто се работи, а не – станува збор?
Знам зошто. Кога преведуваме, во оригиналниот текст пишува – ради се… и ние, го земаме здраво за готово и преведуваме – се работи. Но, не се работи за класична измама или за невнимание, туку станува збор за класична измама или за невнимание.

Јасно ко ден! Со арно, со убаво!


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!