Во натпреварувачкиот дел ќе свират пет состави и тоа скопските „Фикшн“, „Антиарт“, „Метаноја“, „Конспираси“ како и битолскиот рок-состав „Саунд вејв“. Како гости на финалето, ќе се појави скопскиот експериментален индустријал состав „КННТ“

Хевиметал-бендот „Патриас“ од Србија и металците „Резистенс“ од Грција, ќе бидат гости на првата ревијална вечер на годинашното издание на „Рок-фест“. Тие ќе свират на 28 април, заедно со нашите „Визија“ и „Стил темпл“, со што оваа вечер се конципира како металска каде што во преден план ќе бидат бучните и гитарски делници и убиствени ритам-секции. Групата „Патриас“ доаѓа од Смедерево, соседна Србија, и зад себе има голем број настапи. Групата ја сочинуваат пејачот и басист Саша Ѓорѓиевиќ, гитаристот Дарије Дејановиќ и тапанарот Ненад Јовановиќ. Бендот досега има снимено еден албум насловен „Пут“, кој излезе под етикетата на издавачката куќа „Мајнер рекордс“. Нивната музика плови на брановите на хеви-металот и хард-рокот, но тројцата момци внесуваат и многу новини и сопствен музички потпис. Во моментов „Патриас“ го снима својот втор албум, а дел од тој материјал ќе биде концертно промовиран во Скопје на „Рок-фест“. Нивните музички колеги од Грција, момците од групата „Резистенс“, доаѓаат како претставници на новата метал-сцена од Солун.

Бендот во моментов го снима својот деби-албум во кој може да се почувствува влијание од големите светски бендов што свират хеви, прогресив и пауер-метал. Групата ја сочинуваат пејачот Стаматис Теологу, гитаристот Костас Лурмпакис, басистот Бил Нтанос и тапанарот Вангелис Канавицадос. Групата „Резистенс“, веќе има настапувано во Скопје во клупска атмосфера, но ова ќе биде првпат да свири на поголема сцена каде што ќе може да се чуе и почувствува одлична атмосфера. Покрај ова, веќе е комплетирана и листата на учесниците во натпреварувачкиот дел на „Рок-фест“, кои ќе настапат на 27 април. Од големиот број пријавени бендови од цела Македонија, кои рака на срце сите се доста квалитетни, сепак во натпреварувачкиот дел ќе се појават само пет состави и тоа скопските „Фикшн“, „Антиарт“, „Метаноја“, „Конспираси“ како и битолскиот рок-состав „Саунд вејв“.

Како гости на финалето, ќе се појави скопскиот експериментален индустријал состав „КННТ“, кои со својот настап ќе ја збогатат програмата и ќе ја зовријат атмосферата на почетокот на „Рок-фест“. Од групите што ќе свират во натпреварувачкиот дел има два состава што свират метал-музика, „Метаноја“ и „Конспираси“. За разлика од нив музиката на „Фикшн“ е во рамките на инди и рок-манир, „Саунд вејв“ е рокерски бенд, додека, пак, музиката на „Антиарет“, кој е составен од искусни музичари, е интересна комбинација на повеќе различни музички стилови. На последната фестивалска вечер, која исто така е од ревијален карактер, ќе свират три групи, кои имаат поголем музички стаж на домашната рокенрол-сцена и зад себе имаат албумски изданија. Вечерта ќе ја отвори кумановскиот состав „Морфеј“, по што следуваат скопските „Блек енд вајс соушл клаб“ и „Никеја“.