Падот на Универзитетот во Белград за сто места на новата Шангајска листа е поради сѐ поголемата конкуренција меѓу универзитетите во светот и вложувањата во науката и високото образование, кои особено во Азија се сѐ поголеми, така што сегашната позиција на српските високообразовни институции се смета за одреден успех. Ова е одговорот од Министерството за образование, наука и технолошки развој на Република Србија.

Една од причините за падот на универзитетите во Србија е што немаат повеќе ни еден научник, кој се наоѓа на листата на најцитирани професори во светот, а овој критериум учествува со 20 отсто од вкупниот резултат на секој универзитет. Дополнителни 30 поени носат професорите или студентите што добиле Нобелова награда и уште 20 бода се добиваат за објавени трудови во реномирани научни списанија.

– Ако се погледне бројот на трудовите на нашите истражувачи во списанијата од СЦИ и ССЦИ, српските универзитети котираат одлично. Според овој критериум, Универзитетот во Белград се наоѓа пред некои универзитети, кои се меѓу 100-те најдобри на светот – стои во соопштението од Министерството за образование.

Годинава, Универзитетот во Белград има најдобри позиции во областа на науката и технологијата за храна (на 50-то место во светот), во рударското и минералното инженерство (92-то место), инструменталната наука и технологија (134-то место), металуршкото инженерство (179-то место), јавното здравје (180-то место) и во стоматолошките науки (187-то место).

Универзитетот во Нови Сад во три области се наоѓа во првите 500 универзитети во светот, а Универзитетот во Крагуевац во две области.

Белградскиот универзитет на Шангајската листа за 2019 година се наоѓа меѓу 401-то и 500-то место, што е полоша позиција во споредба со претходната година, кога беше рангиран меѓу 301-то и 400-то место. Универзитетот во Нови Сад ја задржа позицијата меѓу 901-то и 1.000-то место.