Во екстремно сложената операција учествуваат 90 професионални нуркачи

Вкупно осум момчиња досега се извлечени од пештерата во Тајланд. Извори на Си-ен-ен што учествуваат во спасувањето вчера изјавија дека операцијата привремено ќе биде прекината и дека преостанатите четири деца и тренерот ќе мора да почекаат уште најмалку еден ден под земја за да се заменат испразнетите боци со кислород

Уште четири момчиња вчера беа спасени во ризичната и сложена повеќечасовна операција за извлекување на децата од поплавената пештера во Тајланд, во која останаа заглавени повеќе од две недели. Во пештерата се наоѓаат уште четири деца и нивниот тренер по фудбал, откако во неделата спасувачите успешно ја извлекоа првата група од четири деца. Извори на Си-ен-ен што учествуваат во спасувањето вчера изјавија дека операцијата привремено ќе биде прекината и дека преостанатите четири деца и тренерот ќе мора да почекаат уште најмалку еден ден под земја за да се заменат испразнетите боци со кислород.

Во пештерата Там Луанг има повеќе припадници на мешаниот тим од 40 тајландски и 50 странски професионални нуркачи. Тие решија во неделата да почнат со операцијата за извлекување на децата и на тренерот поради намалувањето на кислородот во празнините и опасноста од поплавување поради поројните дождови, иако нивото на водата главно е намалено благодарение на илјадниците пумпи поставени внатре во пештерата. Операцијата за спасување е екстремно ризична, сложена и тешка, бидејќи и на искусните нуркачи им се потребни цели 11 часа (шест од влезот на пештерата до местото каде што се наоѓаат децата и пет назад), за да го минат патот низ мрачните и тесни поплавени празнини, а истиот пат треба да го минат и момчињата, кои никогаш не нуркале, а повеќето од нив не знаат да пливаат, наведува Би-би-си.

Од болницата каде што се сместени ослободените деца соопштија дека тие „се среќни и се чувствуваат добро“. Шефот на спасувачката мисија изјави дека тие ќе останат во карантин некое време и дека лекарите треба да решат дали родителите ќе можат да ги посетат и да ги видат преку безбедносно стакло, додека се тестираат од можни инфекции. Според локалните медиуми, на родителите сѐ уште не им е кажано кои момчиња се спасени, бидејќи лекарите се грижеле за менталното здравје на родителите на преостанатите заглавени момчиња во пештерата. Сепак, тајландските медиуми идентификуваа едно од момчињата спасени во неделата како Монгхол Бунпиам (14), а неговата мајка, која заедно со другите родители со денови чека добри вести од пештерата, изјави дека е пресреќна што го слушнала неговото име.
Дванаесетте деца, на возраст од 11 до 17 години, и нивниот 25-годишен тренер по фудбал влегле во пештерата на 23 јуни, но обилните монсунски дождови ги поплавиле каналите и тие останале заглавени во неа. Тренерот во писмо до родителите се извини за трагедијата, а тие му одговорија дека не го обвинуваат.


Илон Маск нуди мини-подморница

Компанијата на милијардерот Илон Макс тестира мини-подморница што би можела да се искористи за спасување на преостанатите деца заглавени во пештера на Тајланд. Маск на Твитер објави снимка на која се гледа тестирање на алуминиумска подморница во базен, а ако тестирањето биде успешно, подморницата ќе биде испратена на Тајланд.
– Мини-подморницата е доволно лесна за да може да ја носат двајца нуркачи и е доволно мала за да може да се протне низ тесните празнини. Таа е екстремно робусна – напиша Маск на Твитер, додавајќи дека изградбата на подморницата може да биде завршена за осум часа и дека потоа може да биде испратена на 17-часовен лет до Тајланд.
Портпаролот на „Боринг компани“ на Маск изјави дека тајландските власти побарале апарат што евентуално би им помогнал на децата да поминат низ тесните и поплавени приоди во пештерата.