Фото: ФК Раднички Ниш/Момент од натпреварот Раднички - Радник, 4-1

Раднички и Железничар имаат големи амбиции во домашните натпреварувања во фудбал, односно во ракомет, во кои на двата нишки клуба им претстои трка за висок пласман сезонава, градот одамна е и кошаркарски центар, со домаќинството на турнирот од купот, а годинава и на фудбалскиот

Импресивните фудбалски резултати на Раднички, кој игра една од најдобрите сезони во клупската историја, амбициите на ракометниот клуб Железничар, како и организацијата на завршните натпревари во кошаркарскиот куп и претстојното домаќинство на финалето во фудбалскиот куп на Србија, придонесоа Ниш да ѝ го привлече вниманието на тамошната спортска јавност, како и да го зголеми интересот за спортот во градот.

Раднички Ниш, предводен од тренерот Ненад Лалатовиќ, успеа да ги „раздели“ вечните ривали Црвена звезда и Партизан на табелата, моментно заземајќи ја втората позиција зад актуелниот шампион, односно пред третопласираните „црно-бели“.

Нишкиот клуб за кого настапува и поранешниот македонски репрезентативец Александар Тодоровски е непоразен на 22 првенствени средби едноподруго, вклучувајќи ги нерешените резултати против Црвена звезда односно против Партизан на домашен терен со по 2-2. Згора Раднички постави клупски рекорд од седум првенствени победи едноподруго, совладувајќи го Радник со 4-1 во саботата. Цел на популарно познатиот „Реал од Нишава“ претставува и освојување трофеј сезонава.

– Треба да се промовираат и другите градови. Сѐ се врти околу Белград, околу Црвена звезда и Партизан, а и другите клубови играат, и другите градови во Србија треба да живеат. Тука во Ниш има убава атмосфера, нашите навивачи и сограѓани се задоволни со резултатите. Тие силно го сакаат својот клуб и сите ние живееме за Раднички и сакаме да направиме нешто што никому пред нас не му успеало, да освоиме трофеј во Купот. Има силна конкуренција до финалето, но тоа е наша желба. Клубот е добро организиран. Има добра селекција на играчи. Фудбалерите се навикнаа на мене и јас на нив. Се создаде хемија помеѓу нас, навивачите, стручниот штаб и сите вработени во клубот. Сѐ функционира во најдобар ред, а кога имате мир, доаѓаат и резултатите – ни изјави Лалатовиќ.

Поранешниот ракометен тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ, кој сега го предводи нишки Железничар, смета дека успехот е клучен за зголемување на интересот за спортот во Ниш.

– Морам да им оддадам признание на луѓето што се задолжени за спорт, бидејќи резултатите не доаѓаат сами по себе. Некој мора да дава поддршка, а тоа се градските структури. Тогаш се крева квалитетот, гледаноста на мечевите е сосема коректна. Сега се чека финализација и во ракометната и во фудбалската лига. Финалето на кошаркарскиот куп беше организирано на највисоко ниво. Ниш е на ударните страници на спортските вести. Сигурно дека сега постои поголем интерес, бидејќи ништо на светот не успева како успехот. Каде и да имате успех, ќе видите и публика. Има квалитет, луѓето се мотивирани. Нишлиите веќе одамна се ракометно воспитани. Очекувам салата да биде исполнета на важните мечеви од домашниот плејоф – вели Вујовиќ.

Железничар и Раднички имаат големи амбиции во домашните натпреварувања (двата клуба се четвртфиналисти во купот), во кои им претстои и трка за висок пласман во продолжението на сезоната.