Според аналитичарите, за тоа дека еврото не функционира сведочат токму економските показатели: еврото е, како и порано, премногу слабо за Германија и премногу силно за државите од еврозоната во Јужна Европа.

Огромниот труд за да опстане еврото е само уште еден чекор кон диктатура во Европската Унија, тврди германскиот економист Марк Фридрих, надевајќи се дека германските политичари ќе се спротивстават на оваа идеја, бидејќи еврото, според него, и така веќе одамна не може да се спаси. – Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) нема да го спаси еврото, тој експеримент треба да заврши – објаснува Фридрих. Шефицата на ММФ, Кристин Лагард, предлага создавање специјален фонд во случај на криза во еврозоната. Меѓутоа, ако дојде до создавање ваков фонд, Германија, на пример, би требало да уплаќа 11 милијарди евра годишно. Фридрих смета дека ММФ нема да го спаси еврото. – Шефицата на ММФ е Французинка.

Таа и нејзиниот земјак, францускиот претседател Емануел Макрон, имаат за цел да ги спасат ЕУ и еврозоната и дејствуваат на ист начин, а да не заборавиме дека и двајцата се поранешни банкари и добро се познаваат. Ним не би им пречело Германија да стане „шампион во давање“. Чинам дека сево ова е однапред смислена игра. Едноставно, тие очајнички се трудат за да опстане еврото, но паралелно со тоа, ова е само уште еден чекор кон диктатура на ЕУ – истакна Фридрих.

Тој се надева дека германските политичари ќе ѝ се спротивстават на оваа идеја, бидејќи еврото и онака веќе не може да се спаси, додавајќи дека надежта последна умира, но сепак реалноста е поинаква. Според планот на Лагард, секоја држава годишно во „фондот за спас“ би требало да уплаќа по 0,35 отсто од својот БДП. За Германија тоа би значело 11,4 милијарди евра. Ако би дошло во иднина до економска криза во некоја од државите на еврозоната, таа држава автоматски би добила помош изразена во милијарди. Меѓутоа, според мислењето на Фридрих, независно од тоа дали ќе се реализираат плановите на ММФ, тоа нема да го промени фактот дека уникатниот проект и монетарен експеримент под името „евро“ би требало наскоро да биде завршен. Според Фридрих, за тоа дека еврото не функционира сведочат токму економските показатели: еврото е, како и порано, премногу слабо за Германија и премногу силно за државите од еврозоната во Јужна Европа.

– Ваквиот однос на силите нема да се промени во иднина. Се разбира, се преземаат обиди да се подобри и спаси ситуацијата. Можно е некои од чекорите да бидат помалку или повеќе успешни, но конечниот исход ќе биде укинување на еврото. И сиве овие игри всушност не значат ништо и нема да сменат ништо. Се работи за тоа да се добие на време, но принципиелните проблеми на лошата структура не се решаваат – вели тој. По воведувањето на европскиот систем на заштита на влоговите, граѓаните всушност ќе мора да ги повлечат своите пари од сметките. И тогаш ќе нѐ дели само чекор од пропаста на некоја слаба шпанска или италијанска банка. Тогаш ќе мора некој друг да ги плати туѓите долгови, а тоа најверојатно ќе бидат Германците.

– За зачувување на имотот, сепак, е подобро да се имаат некакви конкретни материјални вредности – смета Фридрих, спомнувајќи ги во таа смисла криптовалутите. Сепак, што се однесува до Европа, прогнозата воопшто не е утешна.

– Сѐ води кон голема диктатура – заеднички министер за финансии, еден буџет, заедничка војска. Иако сето ова е всушност во доменот на фантазијата, европските службеници сериозно ќе се трудат да го остварат. Не е тешко да се предвиди каде води тоа. Еве, сега нам во Германија ни одзедоа дел од правата, затоа што некои од законите на Европската Унија се наметнаа пред нашето национално законодавство. Тоа што во моментов ни се случува би требало да ги исплаши нашите граѓани, бидејќи е целосно недемократско. Сето она што го прави ЕУ е всушност дискретен вовед во некаква „супердржава“. А сето тоа е совршено нелегитимно – заклучува германскиот економист Фридрих.