Со фигаро-проекти до подобар живот за сите

Изминативе денови јавноста ја разбранува еден потег на еден наш градоначалник, кој реши на дамите од општинската администрација за 8 Март да им купи фигаро за коса. Случајот одекна како бомба по медиумите, што беше доволен сигнал народот да се шегува на големо на социјалните мрежи. Неумесниот потег на, најверојатно, добронамерниот но недоволно искусен градоначалник наиде па подбив во една ситуација кога социјалните мрежи ја преземаат улогата на судот на јавноста, по што тој мораше да ретерира, па ја поништи одлуката бранејќи се дека не знаел дека била донесена.

Ваквата одлука на градоначалникот ги остави неговите колешки без локни, а планираната сума пари повторно си се врати во буџетот на општината. Да не беа фигара во прашање, можеби празничната иницијатива мазно ќе си поминеше, па сите ќе си беа задоволни. Но, ете, токму ова наиде на подбив и невкусни коментари и од мажите и од жените.

Прашајте се колку вашиот градоначалник ви помогнал во одредена работа што е во негова надлежност а сте побарале помош или, пак, и да не сте побарале помош, тој со своите тимови увидел дека има некаков проблем во вашето населено место и го решил проблемот. Одговорите се оцена за вашиот градоначалник. Кон ова само уште едно многу важно прашање… Од другата страна на вагата стојат граѓаните. Колку, пак, тие се свесни за важноста на локалната самоуправа и одговорноста што таа
самоуправа ја има кон самите нив? Едноставно, заспани градоначалници – заспано граѓанство

Друг, пак, градоначалник најави купување ново поголемо возило од повисока класа, оти му било потребно за удобни патувања. Да напомене само дека неговиот град, каде што тој е градоначалник, цела недела немаше струја поради лоша стара инсталација, која потклекна само по еднодневни врнежи од снег. Да не зборуваме за проблемите со канализацијата, урбанизмот, дивоградбите, паркиралиштата… Но наспроти сето тоа, градоначалникот решил дека токму нов автомобил сега е приоритет!

Има и такви градоначалници што не знаејќи што да прават со својата функција почнаа да ги преправаат работите што се видливи само над земја, како што се садење понекое дрво, преработка на паркчиња, понекој нов тревник или, пак, тампонирање веќе тампонирани улици наместо конечно да се премине на асфалтирање. Се добива впечаток дека нашиве градоначалници сѐ уште не си ја сфаќаат сериозно својата улога во општеството и својата функција во системот. Со исклучок на неколкумина, тие не се свесни за својата важност во животот на една демократска држава, за каква што се декларираме.

Нашите градоначалници, и покрај четврт век самостојност, сѐ уште не можат да се одвојат од својата партија што ги донела на власт, не можат да изградат свој имиџ на локални лидери што ќе бидат сакани од населението, не можат да бидат самостојни, оригинални, слободоумни… Тие остануваат безлични фигури, на кои по нивното заминување никој нема да се сеќава, а за нивното присуство во градоначалничкиот кабинет ќе сведочи само нивниот стандарден портрет, кој по традиција се закачува на ѕидот откако ќе си заминат од функцијата.

Спротивно на нашиве, голем дел градоначалници во европските земји стануваат личности-брендови. Тие во своето работење оставаат белег што се памети и кој во иднина влијае на животот на граѓаните. Не мора тоа да е со градба на огромни објекти, зданија во материјална смисла на зборот, туку белези во форма на однесување, практикување одредени работи, организирање акции, помош на граѓаните во насока на давање знаења, практики, овозможување права, сѐ во насока на подобар живот и достигнување повисоки цивилизациски вредности. Но тоа однесување кај нас сѐ уште е непоимливо, едноставно несфатливо, па поради тоа се оди кон фигаро-проекти.

Да напоменеме само дека кај нас сѐ уште нашите градоначалници садат дрвја само на Денот на дрвото, возат велосипед на кога е денот наменет за тоа, ден без автомобили, укажуваат внимание на групи граѓани само кога се одбележува денот посветен на таа група граѓани, им се обраќаат на гласачите само пред избори…

Јас тоа би го нарекол лицемерство, политика од најнизок можен ранг, лош пиар, безидејност, мрзливост, едноставно немање мерак да се биде градоначалник.
Дека тоа е точно прашајте се колку вашиот градоначалник ви помогнал во одредена работа што е во негова надлежност а сте побарале помош или, пак, и да не сте побарале помош, тој со своите тимови увидел дека има некаков проблем во вашето населено место и го решил проблемот. Одговорите се оцена за вашиот градоначалник.

Кон ова само уште едно многу важно прашање… Од другата страна на вагата стојат граѓаните. Колку, пак, тие се свесни за важноста на локалната самоуправа и одговорноста што таа самоуправа ја има кон самите нив? Едноставно, заспани градоначалници – заспано граѓанство. Сите мислат дека така треба, па никој не го подига стандардот ниту на дејствување ниту на размислување.
До следните локални избори останете со прстот во локните и паметот под нив. Ова важи и за граѓаните и за градоначалниците.