Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според истра­жу­ва­ње­то и ана­ли­за на ра­бот­ни­те ве­шти­ни на мла­ди­те во Ма­ке­до­ни­ја

Нашата држава има недостиг од соодветни кадри со практични вештини и способности. Голем дел студенти и ученици во стручните училишта, иако формално добиваат дипломи, не стекнуваат знаење и вештини со кои би биле конкурентни на пазарот на трудот. Големиот расчекор помеѓу кадрите што произлегуваат од образованието и побарувачката на пазарот на трудот е резултат на погрешниот избор на студии од страна на студентите, но и образовните политики што ги креираат државните институции. Бизнис-секторот вели дека студентите не се доволно подготвени за да преминат од академскиот во реалниот свет, бидејќи, како што велат во Стопанската комора, практичната обука и истражувања во компаниите кај нас законски не се исполнуваат целосно.
Според примерите што ги наведуваат од бизнис-заедницата, има кадри економисти што теоретски знаат што се трошоци и профит на претпријатието, но не знаат да ги пресметаат. Правници, штотуку дипломирани, не знаат жалба или приговор да напишат, воопшто не присуствувале во судница за да видат како изгледа процесот на судење. Или, пак, инженери по дизајн на ентериер немаат познавање на основните програми за работа. Тоа значи дека образованието има премногу теорија, а практичната настава ја има само на хартија.
Според експертите за човечки ресурси, сите досегашни извештаи и анализи што се направени за тоа што им е важно на младите и зошто тешко наоѓаат вработување по завршувањето на образованието со средно или, пак, со стекнување универзитетска диплома, искажуваат ставови за недоволно стекнати знаења што практично би ги поврзале со реалниот живот.

Формалниот образовен систем генерално не ги подготвува младите за вклучување на пазарот на трудот

Истражувањето и анализа на работните вештини на младите во Македонија, изработено од Националниот младински совет во поглед на перцепциите за формалниот образовен систем, 54,3 отсто од испитаниците одговориле дека формалниот образовен систем генерално не ги подготвува младите за вклучување на пазарот на трудот, а 25,7 отсто сметаат дека воопшто не ги подготвува за пазарот на трудот. Младите сметаат дека работодавците не вложуваат доволно во нив, иако посочуваат и примери на работодавци што инвестираат во младите вработени. Во истражувањето се вели дека, според перцепциите на младите, можностите за напредок се ретки и многу лимитирани поради малиот степен на развој на бизнис-свеста на македонските бизнисмени, во воведување и стекнување нови искуства, знаења и вештини што се имплементирани и практично применливи во наши услови.
– Освен добиеното формално образование, за да добие работно место, младиот човек треба да има комуникациски вештини, да е тимски работник, флексибилен, посветен, организиран, да има практикантско искуство што ќе помогне за стекнување одредени вештини – пишува во анализата.
Во истражувањето се анкетирани и работодавци што сметаат дека целосно или делумно волонтирањето и практикантството во компанија/институција придонесуваат младите да се стекнат со знаења и со вештини.

Државата е одговорна за финансирање на стручните училишта и за давање грантови за ангажирање практиканти

Швајцарската влада и Европската фондација за обуки во проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ констатирале дека во целиот свет, образованието и обуката добиваат интензитет како движечка сила за вработување, продуктивност и меѓународна конкурентност.
– Потребно е да им се излезе во пресрет на образовните потреби на младите, нивниот професионален и кариерен развој, вклучувајќи самовработување и претприемаштво, соодветно да се одговори на потребите на економијата за квалификуван кадар што е конкурентен на домашниот и меѓународниот пазар на трудот. Затоа практичната обука законски е предвидена со 40 отсто од наставното време во форма на практична настава, која најмалку една третина задолжително треба да се реализира кај работодавец и феријална практика со континуирано траење кај соодветен работодавец – пишува во анализата.
Оттаму се додава дека кај земјите со високоразвиено учење преку работа, државата е одговорна за финансирање на стручните училишта и давање грантови за ангажирање практиканти. Постојат и олеснувања за да се охрабрат компаниите да примаат практиканти.
Во истражувањето на швајцарскиот проект се вели дека две третини од компаниите нагласуваат дека придобивките на компаниите од обука на учениците се поголеми или еднакви на трошоците. Околу 60 отсто од фирмите испитаници наведуваат дека учениците позитивно влијаат на зголемувањето на посветеноста на вработените, 58 отсто наведуваат дека учениците придонесуваат за продуктивноста на компанијата, а 42 отсто наведуваат дека учениците влијаат врз подобрувањето на вештините на поголем дел од вработените.

Потребни се мерки за доквалификација и реквалификација

Според Благица Петрески, директорка на институтот за економски прашања и политики „Фајненс тинк“, јазовите на пазарот на трудот од аспект на образование се долгорочен и структурен проблем, постои недостиг од квалификувана работна сила, суфицитарен јаз со драстично поголема понуда од побарувачка за одредени занимања и дефицит за работна сила со средни вештини.
– Суфицитарните јазови се особено изразени кај правните и општествените струки и од областа на образованието и културата, но исто така и кај лицата без занимање и оние со гимназиско образование. Таквата состојба го прави пазарот на трудот недоволно ефикасен. Последните иницијативи за поврзување на стручните училишта и бизнис-секторот и интензивирањето на инвестициите во средните стручни училишта се во насока за ублажување на овој проблем. Но на среден рок и доколку сакаме структурни промени, потребно е реосмислување на програмите и на вештините што ги нуди добиената диплома, во согласност со потребните занимања на пазарот на труд и според потребните вештини (на пример, вештини поврзани со СТЕМ-науките, аналитички вештини, критичко размислување и слично) – потенцира Петрески.
Но исто така, како што додава таа, потребни се мерки што ќе ја подобрат квалификацијата преку доквалификација и реквалификација на невработените лица без занимање и гимназиско образование.

Здравиот бизнис се потпира на силно образование

Од Стопанска комора на Македонија велат дека економски развиената држава се потпира на здрав бизнис, а бизнисот се потпира на силно образование.
– Образованието мора да биде приспособливо на брзиот технолошки развој, кој ги менува светот и бизнисот, и да има добри и иновативни наставници, кои ќе создаваат и градат стручен кадар со соодветни вештини и знаења, кој ќе биде препознаен на пазарот на трудот ќе може бргу и лесно да се вклучи во современите економски текови. Но она што го посакуваме не се совпаѓа со реалната состојба. Анализите на Комората покажуваат дека 65 отсто од компаниите тешко наоѓаат соодветен квалификуван кадар, а тоа директно влијае на продуктивноста и производството на компаниите, на нивната ликвидност и на создавањето работни места и го отежнува економскиот развој на државата – потенцираат од СКМ.
Како што велат надлежните од Комората, факт е дека подобрување на образовниот систем мора да има, но без партнерски однос и проактивно учество на главните актери во процесот на образованието, особено во делот на стручното образование, не може да се очекуваат успех и квалитет.
– Што се однесува до партнерскиот однос, тоа бара високо ниво на сложена координација меѓу училиштата и факултетите, работодавците и коморите за дефинирање визија, приоритети и активности, создавање можности за вклучување на нови работни концепти и технологии во образовниот процес и креирање образовен систем што создава кадар што во текот на образовниот процес ќе се стекне со соодветните вештини и знаења што ги бара пазарот на трудот – посочуваат од СКМ.
Според нив, многу е битно да има квалитетна студиска настава и солидно подготвени професори предавачи во високообразовните институции, од една страна, и практична обука и истражувања во компаниите, кои кај нас законски не се исполнуваат целосно, од друга страна, како и брзо вработување на дипломираните студенти.
– Значајно е бизнис-заедницата да се вклучи во изработка на студиските програми како најупатена какви знаења, вештини и компетенции се потребни и да учествува во високообразовните тела за градење политики што ќе придонесат за осигурување на квалитетот во високото образование, затоа што таа ги апсорбира дипломираните стручни кадри – нагласуваат од Комората.