Организациите за проверка на факти не треба да се фокусираат само на борбата против лажните вести. Тие треба да ги идентификуваат и изворите на доверливи информации и да ја насочуваат јавноста кон нив

Според проверката на факти на весникот „Вашингтон пост“, Доналд Трамп, имал над 13.000 лажни или погрешни тврдења од неговата инаугурација во претседател на САД. Не е ни чудо што некои луѓе се сомневаат дека проверката на факти во тврдењата на политичарите претставува одговор на проблемите во оваа ера на дезинформации.

Кога политичарите и новинарите од Европа, Америка, Африка и Азија се состанаа на глобалната конференција за слобода на медиуми во јули во Лондон, тие признаа дека подемот на дезинформации придонесе за намалување на довербата на јавноста во политичарите и во медиумите. Но ефективните решенија изостанаа. Кога политичката и бизнис-елитата на Европа се состанаа истиот месец на една друга конференција, таму исто така не беа понудени многу опции за обнова на довербата. Но тоа не значи дека ги нема.

Лидерите и основачите на организациите за проверка на факти во Африка, Латинска Америка и во Европа знаат дека нивната работа може да игра моќна улога во спротивставувањето на ефектите од дезинформациите и во обновувањето на довербата во доверливите извори. За исполнување на оваа должност е потребно и најзначајно пред сѐ сеопфатно разбирање на предизвиците. Повеќето од речиси 200 организации во светот за проверка на факти работат со претпоставката дека ако на јавноста ѝ претстават коригирани информации, тие главно ќе ја убедат да го промени својот погрешен поглед кон одредени појави. Затоа не изненадува што повеќето академски истражувања за проверка на фактите имаат за цел да ја тестираат оваа претпоставка. Резултатите се ветувачки. Сепак, никој не може да тврди и гарантира дека ако на луѓето им се претстават точни информации, тогаш тие веднаш ќе ги променат и приспособат своите позиции. Но разни студии покажуваат дека проверката на фактите ѝ помага на јавноста да го ревидира своето разбирање за одредени тврдења, дури и кога наодите се спротивни на цврсто изградените ставови.
Но едноставното објавување на проверките на фактите не е доволно. Прво, дури и со најголеми ресурси, не е можно да се следат сите корекции на дезинформации и да се објават сите проверки на факти. Згора на тоа, во моментот има премногу дезинформации на Интернет и во јавните дебати за да можат да се проверат фактите секогаш кога некој ќе понуди погрешно тврдење.

Затоа, освен што треба да ги идентификуваат и коригираат важните дезинформации, организациите што се занимаваат со проверка на факти мора да соработуваат со политичарите, традиционалните медиуми, платформите за социјални медиуми и со други релевантни институции за да ги намалат изворите на лажни вести. Сето ова значи дека треба да се бара од јавните личности јавно да ги коригираат своите погрешни тврдења, да се поднесуваат жалби до соодветните дела за исполнување на стандардите и да се обезбеди обука на медиумските организации. Исто така, сето тоа значи дека треба да се соработува со технолошките компании за да се најдат начини за спречување помасовна циркулација на дезинформациите, вклучувајќи и преку меѓународните граници.

Организациите за проверка на факти не треба да се фокусираат само на борбата против лажните вести. Тие треба да ги идентификуваат и изворите на доверливи информации и да ја насочуваат јавноста кон нив. Тие исто така треба да соработуваат со училишта и со други образовни институции и платформи за да им помогнат на луѓето да идентификуваат лажни или погрешни тврдења. Ова е пристапот што веќе го преземаат некои организации и, колку и да се тие мали и недоволно финансирани, веќе се препознаваат одредени резултати.

Конечно, ефективната проверка на факти бара напори за подобрување на пристапот на јавноста до доверливи информации. На пример, една организација во Британија соработуваше со тамошниот завод за статистика за да го зголеми пристапот на статистичките податоци до јавноста и податоците да бидат претставени во што поразбирлива форма за јавноста.

Не треба да се потценуваат заканите од дезинформациите и од намалувањето на девербата, како и сложеноста на факторите што тие ги предизвикуваат, но истовремено не треба да се верува дека тие се нерешливи, како што сметаат некои. Организациите за проверка на факти, медиумите, владите и компаниите ќе можат да им одолеат на овие загрижувачки трендови само ако се фокусираат на симптомите на дезинформациите и на недовербата, но и на системските проблеми врз кои тие се темелат.