Додека лови, потребно е рибарот да ужива во природата и друштвото околу него, со позитивни мисли да го релаксира организмот, со еден збор – да ги елиминира проблемите што се негово секојдневие

Велат дека успехот во риболовот зависи и од работите што се случуваат во главата на рибарот. Но малкумина знаат што сѐ се случува во главите на рибарите додека ловат, а уште помалку колку е сето тоа значајно додека се покрај реките или езерата. Уште повеќе ако рибарењето не тргне најдобро или временските услови не му се наклонети на рибарот. Тие непосакувани услови и моменти, кои секако не се пријатни, можат во целост да ги надминат само најдобрите и најупорни рибари. А за да се преброди сето тоа успешно, потребно е пред сѐ да се има силна волја, внатрешен мир, истрајност, ментална способност, но и искуство…

Така, на пример, често може да се слушне како некој мртов пијан успеал да улови капитална риба. Веднаш се поставува прашањето како му успеало тоа во таква состојба. Иако многу ретко се случува тоа, сепак можно е, а е резултат на енергијата што ја поседува рибарот, неговата опуштеност, желба да успее…

Понатаму постојат и т.н. инстант-рибари, кои мислат дека ако имаат квалитетна риболовна опрема, рибите сами ќе скокаат од водата. На некои рибари, пак, главна цел им е да дојдат до водата, потоа се да распакуваат и да се пофалат со сѐ што имаат, да ја фрлат јадицата што подалеку. За вревата и за гласната музика што ja користат притоа и да не спомнуваме. Од друга страна, пак, имаме примери на многу упорни и вредни рибари, кои заслужуваат само пофалби. Па, дури и ништо да не извадат од водата, нивната упорност, желба и одлучност да дојдат до посакуваниот плен, заслужуваат внимание.

За потребното искуство, пак, потребно е време, а тоа може да потрае подолго. Остатокот претставува основа, односно следење на трагите, пребарување на околината, погледи во водата, риби во движење, правец на ветрот итн. Но, се разбира, притоа не треба ни да се претерува. Така, на пример, некој може да ги претстави своите најдобри и најнови рибарски системи, мамки, облека, па, сепак, да не му оди тој ден.

Понекогаш е подобро да се биде поедноставен и да не се комлицира премногу, туку да се обрне внимание на следниот риболов и притоа да се отстранат недостатоците што се пројавиле, па ќе има успех. Додека лови, потребно е рибарот да ужива во природата и друштвото околу него, со позитивни мисли да го релаксира организмот, со еден збор да ги елиминира проблемите што се негово секојдневие.

Често се случува и да не се фати ниту една риба. Но и тоа не треба да се сфати многу трагично. Некои рибари ќе ги погоди тоа, ќе се разочараат, па многу брзо ќе се откажат и ќе заборават на риболовот подолго време. Се разбира, не е секој роден да биде рибар. Треба да ги споменеме и спортските рибари, кои ги едуцираат помладите рибари, ја чуваат природата, кои ги обожаваат рибите и не го јадат тоа што ќе го фатат со трските, туку ги враќаат назад во водата.


Зеленoто гранче како ловџиско обележје

Зеленото гранче е ловџиско обележје, кое стои на левата страна од неговата шапка, и се носи при сите приредби наменети за ловџиите, ловџиските организации и друштва. Тоа е обично врвот на гранката од иглолисно или листопадно дрво. Зеленото гранче претставува симбол на последниот залак на ловџијата. Со тој чин, ловџијата на симболичен начин ѝ се оддолжува на жртвата. Последниот залак на гранчето, ловџијата треба да го скрши, а не да го отсече, а тоа се прави на крајот на ловот. Ова обично се прави кога станува збор за крупен уловен дивеч и пердувест дивеч, но никогаш не за мечка, рис, дива свиња, волк или некој поситен дивеч.