Нѐ напушти Добрица Ериќ (1936 – 2019), еден од најистакнатите српски, но и балкански поети за деца, со чии песни израснаа многу генерации. Првата збирка поезија ја објави во далечната 1959 година, а оттогаш до денес издаде над сто книги поезија, проза, антологии, сликовници, па дури и стрипови, кои се продадени во над милион примероци. Преведуван е на многу светски јазици, а застапуван е и во лектирите и читанките на македонски јазик.

За жал, во иднина нема да прочитаме нешто ново од перото на овој истакнат и наградуван автор за деца, но и ова што досега го објави е доволно за неговата бесмртност. Добрица Ериќ се вбројува меѓу великаните на српската литература за деца, како што се Јован Јовановиќ-Змај, Десанка Максимовиќ, Љубивое Ршумовиќ… Беше дописен член на Српската академија на науките и уметностите.

Имав чест и јас да се познавам со мојот драг пријател и колега, со кого првпат се сретнавме во 1987 година, на „Змаевите детски игри“ во Нови Сад, а пред неколку години и на „Витезовиот фестивал“ на поезијата за деца, во Белград. Се сеќавам на јавните настапи, на вечерите на поезијата, тој песните не ги читаше, тој ги говореше, топло и сугестивно, бидејќи сите ги знаеше наизуст.

Погребен е во родното место, на селските гробишта во Долна Црнуќа.
„Треба секој еднаш да си замине од дома, за да може од поголема оддалеченост да го согледа својот роден крај. Додека не ги запознаеме родните места на другите луѓе, а со тоа и нив самите, нема да можеме да разбереме колку е убаво и важно и колку ни значи катчето каде што сме родени…“, велеше Добрица Ериќ.

Наум Попески


Еколошка химна 
 
Секое дете, наутро – без утка,
треба да го буди, гулаб и гугутка.
Да погледне насмеани лица,
да нахрани десетина птици.
Пред јадење и потоа, нели,
да си сретне брези, липи, елки.
Ако таков животот му биде,
низ детството понежно ќе иде!
Секоја жена најдобро би било,
по неколку бебиња да држи во крило.
А по можност, пред куќата своја
да ѝ никнат цветови во прекрасна боја.
Па секогаш, на своето лице
да ја краси невен, ружа, љубичица…
Ете така, во жегите летни,
деновите ќе и бидат цветни!
Секој човек, треба како прво,
за секое дете да посади дрво.
Секој човек, може, ако сака,
овошки да сади со својата рака.
И да има безбројни другари,
листопадни, или четинари.
Само така, крај секое патче,
ќе имаме фино шумско катче!
 
Добрица Ериќ
Препев: Наум Попески