Со мини-кампања не се решава слабата заинтересираност за стручните училишта

Како очекува Адеми децата да избираат средно стручно образование кога никој не ги следи нивните афинитети и вештини во основното деветгодишно образование? Постојано само се зборува, но сѐ уште не е воведена професионална ориентација во основното образование, иако сите се согласни дека е потребно учениците да се следат од најмала возраст, да се следат нивните интереси, за да може кога ќе дојде време за упис во средно училиште полесно да изберат за што ги бива

Министерот за образование и наука, Арбер Адем,и неодамна промовира кампања преку која ќе ги тера деветтоодделенците во државава да избeрат да се запишат во средно стручно образование. На само еден месец пред уписите, Адеми мисли дека ќе ги натера основците да не избираат гимназии, туку средни стручни училишта, бидејќи тоа ќе им овозможи, како што вели, полесно да стигнат до работа.
Наместо да видиме вистински промени кога станува збор за стручното образование во Македонија, ние гледаме кампањи, кои сигурно дека нема да го дадат потребниот ефект. Наместо проблемите во овој ресор да се решаваат со ред, образовните власти очекуваат дека, ете, една кампања ќе ги реши проблемите што со години се провлекуваат низ системот.

Да почнеме отпочеток. Во средното стручно образование нема учебници. „Нова Македонија“ посвети цела серија написи во кои детално го анализираше проблемот со недостигот од учебници. Цели генерации завршуваат цело четиригодишно образование без учебници по најстручните предмети, бидејќи нема кој да ги напише. Ова е проблемот број еден по кој државата има несериозен однос, а тоа го наметнува прашањето какви генерации завршуваат и какви знаења усвојуваат, кога целиот процес од четиригодишното образование го поминуваат без книгите од кои треба да учат. Постојано слушаме како на стопанството му се потребни добро обучени и квалификувани кадри од средните стручни училишта, кои треба да се вклопат во производствените и технолошките процеси, но како е можно тоа без книги, нешто што е фундаментално во процесот на нивно образование?

Наместо да видиме вистински промени кога станува збор за стручното образование, ние гледаме краткорочни кампањи, кои сигурно дека нема да го дадат потребниот ефект. Наместо проблемите во овој ресор да се решаваат со ред, образовните власти очекуваат дека, ете, една кампања ќе ги реши проблемите што со години се провлекуваат низ системот

Зошто и по толку објавени текстови и предупредувања, никој ништо не зборува за мотивацијата на професорите по стручните предмети да пишуваат учебници? Едно од решенијата на проблемот со недостигот од овие помагала се измени на Законот за учебници, во насока на тоа авторските права да им се вратат на издавачките куќи.

Издавачите да се грижат за целиот процес за изработка на учебник, а не Министерството, како што е сега. Издавачите би ги договарале и хонорарите за авторите, нешто што сега е проблем, бидејќи висината на сумата што ја нуди државата е демотивирачка (во просек околу 2.000 евра), што е причина речиси никој да не се пријавува на огласите за изработка на ракописи. Зошто е срамно ниска сумата за авторите што им се нуди за авторските права и зошто е вулгарен целиот процес на набавка на учебници во Македонија? Еден професор за својот труд добива околу 2.000 евра, пари со кои треба да мисли да плати лектор, илустратор, технички да го подготви учебникот, а она што ќе остане (ако нешто остане), да е сума за авторски хонорар. Зошто никој не зборува за прашањето за недостигот од стручни професори од сообраќајната струка, текстилната, здравствената, кожарската струка, медицинската, струки во кои исто така се учи без учебници по најстручните предмети?
Како очекува Адеми децата да избираат средно стручно образование кога никој не ги следи нивните афинитети и вештини во основното деветгодишно образование?

Постојано само се зборува, но сѐ уште не е воведена професионална ориентација во основното образование, иако сите се согласни дека е потребно учениците да се следат од најмала возраст, да се следат нивните интереси, за да може кога ќе дојде време за упис во средно училиште, полесно да се насочат. Зарем образовните власти очекуваат во рок од еден месец, колку што трае кампањата што ја тераат, деветтоодделенците прекуноќ да престанат да избираат гимназии и да се насочат кон стручното образование? Зошто е толку тешко професионалната ориентација како модул за следење на афинитетите да се озакони и конечно да профункционира во практиката?

Неа ја имаше во законските измени во времето кога Рената Дескоска беше прв човек во Министерството, но поради смената на министри, тие измени не видоа бел ден.
За да се зголеми заинтересираноста за техничките училишта, Министерството за образование и наука, заедно со директорите, мора уште многу да работи. Потребно е осовременување на кабинетите, набавка на опрема и материјали за работа, зголемување на практичната работа, осовременување на програмите. Кампањите нема долгорочно да го решат проблемот и да ја зголемат популарноста на стручното образование во државата. Краткорочните кампањи нема прекуноќ да ги побијат мислењата што се провлекуваат со години, дека во техничко училиште се запишуваат ученици со послаб успех.

Повторно, и оваа година по првиот уписен рок традицијата ќе продолжи и заинтересираноста кај деветтоодделенците ќе биде поголема за гимназиите и за средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ наспроти другите средни стручни училишта. Дека нема ништо да се промени доказ ќе бидат редиците од деветтоодделенци со нивните родители што ќе поднесуваат документи за упис во „Јосип Броз-Тито“, во „Раде Јовчевски-Корчагин“, во „Орце Николов“, во „Никола Карев“. И тоа ќе биде така секоја година, сѐ додека предизвиците во средното стручно образование не почнат да се решаваат од корен и со ред.