„Адидас“ ја објави официјалната топка со која ќе се игра нокаут-фазата на Светското првенство (СП) во фудбал во Русија. Топката го носи име „телстар мечта“, која има нов живописен црвен дизајн, инспириран од боите на земјата домаќин. Името „мечта“ на руски јазик значи „сон“ или „амбиција“ и е направена со исти дизајн-елементи како „телстар 18“, топката што беше користена во текот на групната фаза на СП 2018, но приспособена да одговори на додадениот интензитет и можностите што ги носи нокаут-фазата.

Топката го задржала најдоброто од „бразука“, официјалната топка од СП 2014 во Бразил, и нова технологија за да ги максимизира перформансите. „Мечта“ беше подложена на низа детални тестирања за да се осигури дека одговара на потребите на најдобрите играчи во светот. Водечките национални селекции и клубови беа вклучени во процесот на тестирање.
Официјалната топка е направена за да обезбеди подобри перформанси и издржливост и на стадион и на улица. Како и „телстар 18“, и „телстар мечта“ има вграден чип, кој овозможува комуникација со топката, користејќи паметен телефон.