Новогодишните празници се ближат и украсувањето на домот е во полн ек. Доколку размислувате и оваа година на новогодишната елка да ѝ дадете личен печат, ви предлагаме неколку идеи како сами да направите украси за елката и за домот, а притоа да имате одлична забава и будење на креативноста кај вашите деца.
Прегорените и расипани светилки не мора да завршат во кантата за ѓубре.

Благодарение на својот облик, тие се идеални за изработка на лампиони со ликот на Дедо Мраз и Снешко. Користете бои за стакло, светки, различни ткаенини, копчиња, панделки и ситни детали со чија помош расипаните светилки ќе блеснат во нов сјај.
Боровите шишарки се идеални за изработка на новогодишни украси. Сѐ што ви треба се шишарки, различни бои, светки и панделки. Обојте ги шишарките во бела, зелена или црвена боја и додека сѐ уште се влажни, наросете ги со светки во различни бои. За миг ќе добиете прекрасни лампиони за вашата елка.

Идеални украси можете да направите и од балони во комбинација со лепило и светки. Надувајте балони во различни бои и премачкајте ги со лепило, притоа правејќи различни форми на снегулки, ѕвездички и сл. Потоа наросете со светки и ќе добиете совршени украси. За да си ја поедноставите работата, можете да користите лепило со светки.

Следно што можете да направите се новогодишни венчиња од конец. За нивна изработка ќе ви требаат тркалезни елементи, во форма на алка (можете да ги исечете од пластични шишиња или да завиткате тенки гранчиња), волница или тенко исечени ткаенини во црвено-бела или зелена боја, копчиња во различни бои, панделки и лепило. Алките намотајте ги со ткаенината, украсете со копчиња и панделки и ќе добиете уникатни новогодишни венчиња, со кои ќе ја збогатите декорацијата на вашата елка.

Доколку сте љубители на кулинарството и доколку сте вешти со обликувањето тесто, можете да си направите и украсни колачи за вашата елка. Ќе треба само да пригответе бисквитно тесто и со калапи во форма на елки, ѕвезди, срциња, снешковци… да ги исечете колачите. За декорација користете чоколадо, шеќер во боја, шарени бонбони.

Ако умеете со игла и конец и имате дарба за шиење и кроење, можете да си направите уникатни украси со помош на ткаенини. Ќе ви требаат ткаенини со различни текстури и бои, светкави ленти, бисери, панделки и мониста. Исечете форма во облик на елка, која ќе ја украсите со лентите и бисерите или, пак, снегулка на која ќе исшиете мониста.

Со помош на малку фантазија и креативност, можете да им дадете живот на испразнетите и неупотребливи стаклени теглички или шишенца од лекови. Не плашете се да комбинирате бои, текстил, памук, коноп, бисери, жица и светки. Декорацијата можете да ја збогатите и со новогодишни ламбички, кои во комбинација со малите теглички ќе изгледаат совршено.

За изработка на новогодишни украси можете да ги искористите и тапите од вино, доколку сте ги собирале во текот на годината. Со помош на коноп, лепило, бисери, бои, ленти и малку фантазија, можете да направите најразлични форми на елки, новогодишни виленици, ирваси или декоративен венец за вашата врата.
И старите кутии во вашиот дом можете да ги искористите за изработка на новогодишни украси. Ќе би требаат само неколку парчиња украсна хартија и панделки за да го постигнете посакуваниот ефект.

Одлична декорација за вашата новогодишна трпеза ќе направите со комбинација на неколку борови гранчиња од дворот, свеќи, панделки и шишарки.


Одлична новогодишна декорација за некој од ќошевите во вашиот дом или за пред влезната врата од домот можете да направите со неколку дрвени цепеници, црвена и бела боја и панделка. Цепениците исечете ги накосо за да добиете овална долгнавеста површина, на која со помош на боите ќе нацртате лик од Дедо Мраз. Три-четири такви цепеници заврзете со црвена панделка и ќе добиете совршена дрвена новогодишна креација.