проф. д-р Кирил Темков

Има еден другар што никогаш не го изневерува оној што се потпира врз него. Си стои тивко на страна, самиот чека да даде поддршка, молчи додека не го прашуваат, секогаш е доверлив и нуди најдобри решенија. Тој пријател од соништата е книгата.

Книгата е измислена да биде сокровишница на знаењата. Луѓето не можеле сѐ да паметат и посакале да си најдат ковчеже во кое ќе го сместат сознаеното. Исто така си помислиле дека е убаво тоа знаење да можат да го доловат и некои други луѓе, со кои тие не можат лично да се сретнат и да си ги разменуваат своите дострели на уметноста. А си подумале и дека нема да биде лошо ако тоа го дознаат и оние што ќе дојдат многу време по нив. Книгата е такво орудие за меѓусебно информирање за разни работи. Таа ја задоволува заинтересираноста за сознанијата на другите и поврзува генерации оддалечени стотици години.

Со книгите сите сме заеднички сопственици на сите човечки знаења.
Притоа, книгите се најсилно средство не само на човекувањето, туку и на човештината. Тие не прават зло, туку учат за најдоброто во човековиот живот и постапување. Ако некој нема знаење за тоа што сака да го прави, треба да побара совет во книгите. Ако се плаши од животот, книгата ќе му го опише најважното и ќе му го покаже патот како да дејствува. Ако сака да го спознае богатството на човечките судбини и да му се откријат одговори на тешките прашања, до тоа ќе дојде читајќи.

Книгите нудат сознанија, искуства, доживувања, пораки, убави зборови и прекрасни чувства. Учат што е зло и како може и треба тоа да се избегнува. Тие се алат за одбрана на доброто, најсилно средство за споделување на добрините и на најважните морални сознанија и поуки. Тие се незаменливо средство за обука и учење, вистински учител по етика за сите луѓе на светот, особено за најмладите.


Етичка мисла

Книгите се подобри пријатели од луѓето. Тие само даваат, а не бараат ништо за возврат

Фрајхер фон Минхаузен, германски писател