Дел од претстојните активности на граѓанската платформа „Мрдни со прст“ е националната хуманитарна акција за собирање храна под името „Нахрани 10.000“, во соработка со платформата „Сите сити“. Целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна за ранливите категории сограѓани што не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно.

– Првиот хуманитарен чин ќе се случи на 6 септември, од 10 до19 часот, со амбиција тој да прерасне во континуирана едномесечна акција во 10 града од земјава: Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница. Во дел од организациите што работат со бездомници, за нив се прават посебни пакети во согласност со нивните услови за живот, а на снеможените лица им се носи храната до нивните домови.

– Секој месец ќе се случува настанот „Нахрани 10.000“. Сакаме да прерасне во редовна активност во која граѓаните ќе им помагаат на ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно. Наша цел е оваа акција да биде дисперзирана речиси во сите градови низ земјава, не само во Скопје. Храната е основно човеково право, а јас верувам дека македонските граѓани се хумани луѓе и дека безрезервно ќе ја поддржат оваа акција да донираат за нашите сограѓани што не можат да си обезбедат повеќе од еден оброк дневно – вели Блаже Јосифовски, координатор на мрежата „Сите сити“.

Во апелот од организаторите се препорачува сите хумани граѓани да донираат храна што не е лесно расиплива како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, кокошкина супа, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.

Според Државниот завод за статистика, во Македонија имаат проблем да обезбедат храна 445.099 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12.000 тони вишок храна, што претставува за околу 26.000 граѓани да имаат по три оброка дневно. Нејзината вредност се проценува на најмалку 11,6 милиони евра, што може да се искористи како нова програма за социјална заштита.