Солскјер потпиша тригодишен договор

Она што се навестуваше и се очекуваше, се оствари – Норвежанецот Оле Гунар Солскјер е преименуван во постојан фудбалски менаџер на Манчестер јунајтед со тригодишен мандат.

– Ова е работата што секогаш сум сонувал дека ќе ја вршам. Пресреќен сум, многу сум возбуден што имам шанса да го водам клубот долгорочно. Уште од првиот ден се чувствував како дома во овој специјален клуб. Имав чест да бидам играч на Јунајтед, потоа тука и да ја почнам тренерската кариера. Последните неколку месеци беа фантастично искуство – рече Солскјер (46).

Засега останува непознато дали Јунајтед ќе ангажира технички директор што би му помагал на Солскјер, кој го замени Жозе Мурињо на 18 декември лани. Оттогаш Солскјер успеа да го прероди тимот, да влезе во серија позитивни резултати, да се пласира во четврт-финалето на Лигата на шампионите и да биде во конкуренција за освојување на едно од првите четири места во Премиер-лигата (загуби само еден од 13-те меча) што води во ЛШ следната сезона.

Некои луѓе околу клубот сметаа дека Маурисио Почетино, менаџерот на Тотенхем, е идеалното решение за оваа функција, но клупските челници проценија дека Солскјер е способен да ја внесе толку потребната свежина. Именувањето на Солскјер за менаџер на Манчестер јунајтед наиде на позитивни реакции во британската спортска јавност. Неговите поранешни колеги, како голманот Петер Шмејхел, Гери Невил, Рио Фердинанд и други, но и фудбалерите што тој ги води, како Крис Смолинг на пример, со одушевување ја примија таа вест. Солскјер го врати чувството на смиреност во клубот, покажа и тактичка зрелост, верба кон Пол Погба, го опушти Алексис Санчез, го продаде Маруан Фелаини и го запре внатрешниот конфликт.