Вечерва, со почеток во 20 часот, на големата сцена на Македонската опера и балет ќе може да се проследи соло-рециталот на нашиот тенор Благој Нацоски, придружуван од пијанистката Јанинка Невчева. На рециталот со наслов „Соле е аморе“ или „Сонце и љубов“ ќе се изведат композиции од повеќе познати автори како: Винченцо Белини, Реиналдо Хан, Џоакино Росини, Џакомо Пучини, Франческо Паоло Тости и Бенџамин Бритн. Во сите соло-песни ќе преовладуваат токму љубовта и сонцето, односно со претежно весел карактер, кој буди оптимизам кај слушателот. Циклусот „Венеција“ од Рејналдо Хан, ќе биде изведен првпат во Македонија.