Анастасов Родољуб, Човек и простор 89

Под наслов „Созерцание“, во „Мала станица“, утревечер, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложба за рефлексиите на оп и поп-уметноста врз македонските уметници во периодот 1960 до 1990 година. Делата се од колекцијата на Националната галерија на Македонија, а изложбата е најавена како продолжение на истражувачките проекти на стручниот галериски тим, создадена под инспирација на колекцијата, особено од македонската збирка.

– Кон крајот на шестата деценија (1958 година) започнуваат обидите за вклучување на македонската уметност во водите на апстракцијата, која, пак, од друга страна значела ослободување на уметникот од дотогашните морално-општествени стеги, а и обид за вклучување во модерните текови на уметноста. Во почетокот, пак, на седмата, овие тенденции се зголемуваат и голем број македонски уметници се впуштаат во експериментирање со различните видови апстракција, најчесто повлијаена од светскиот и југословенски енформел, користејќи се со вокабуларот на ташизмот, сликарството на материја, акционото сликарство, асоцијативното сликарство, лирската апстракција итн. или, пак, од втората половина на деценијата стремејќи се кон геометриска и системска апстракција, оп-арт варијанти и др. – посочува меѓу другото кураторката на изложбата, виша кустоска, Ана Франговска, која истата таа ја реализира со поддршка на соработничката, кустоската Александра Зиновски-Вилиќ.

Во државата се создале поволни општествени услови за развивање на оваа клима, при што автономијата на уметноста и нејзината идеологија биле ставани во прв план.

– Секако дека ваквиот „слободен“ однос кон безформната уметност не траел долго, бидејќи кон 1963 година почнала силна политичка хајка против енформелот, кој бил сметан како декаденција и дегенерација и уметност, која не се адресира кон широкиот народ. Напоредно со овој замав на разните видови апстракција се создава и фигуративна уметност, која до средината на седумдесеттите е во согласност со досега споменуваните фигуративни стилови. Но веќе од средината на деценијата, се создава плодна почва за иницирање разни видови обновена фигурација, која особено била поттикната благодарение на една нова генерација на тогаш млади ликовни уметници.

Новите визуелни и естетски концепти на фигуративната експресија се појавиле во форма на поп-арт, нов експресионизам, ново фигуративна уметност, наративна фигурација, интимистичка фигурација, хиперреализам, неоромантизам и други форми. Од веќе познатите форми на развој, остануваат надреализмот и фантастичната уметност – вели Франговска.

На изложбата, која ќе биде отворена до 1 октомври, ќе можат да се видат дела на значајни авторски имиња меѓу кои се и Родољуб Анастасов, Томо Шијак, Симон Шемов, Виолета Чауле, Лидија Вујисиќ, Нове Франговски и др.

Томо Шијаковиќ – Шијак, Неомусандра II