Создавање на човекот (2)

Тоа е обнова на времето и материјата, чии атоми уште од претсоздавањето беа полни со крикот стаен на Хирошима, пред експлозија што ќе излета како вулканска птица по милениуми заедно со крикот и плачот на македонските мајки облечени во црно што ги оплакуваат своите деца убиени од смртоносните евроамерикански железни птици на Грамос и Вичо. Хирошима и крикот на македонските мајки, болката на човештвото, неговата длабока пана што ја прошири до самите граници на бескрајот раната на Оној што се искачи на Голгота.

Така. Но еве нè долги милениуми пред тоа, на прапочетокот, во камената пештера што е истовремено и храм и куќа и матка во Светот-Жена. Сето тоа среде вечноста полна со ужас и со бескрај. И еве ги тука и нив: Маж и Жена, прапочетни, првобитни, тие што се прамеморија, голотија и смоквин лист, рај и пекол заедно. Тие се знамето на постоењето забиено во Ништото, златната есенција од која Бог го крена светот во јасна присутност пред прагот и посветените порти на нашите сетила.
Маж и Жена, полни со Пра од петиците до врвот, голи и опколени од она ледено Сè во кое сал тие се огниште запалено од гламната на страста и срцето. И тие сега, сè уште неизлезени надвор од тоа Пра што е искон пред исконот, ја запираат во вир да врти околу нив, сукајќи се во клопчето на вечноста, или, којзнае, ја забрзуваат во крвта до метафизичка вртоглавица подмолната река на Хераклит што носи сè во заборав, оти температурата што ја создаваат додека го градат тело со тело и тело во тело новиот Опус мунди сега се искачува и над катастрофичните степени на сулфурниот оган што ги спепели Содом и Гомор, и оној што ги поклопи со чаршафот на смртта Хирошима и Нагасаки.

Да. Ама нивниот оган е оган на животот, не на смртта, оган на еросот наеднаш бликнат од огромното Ништо како Дух, императивен во основа, кој го крева храмот на Големата Афирмација, Еросот космички оган што избива од триењето на срцата и на тие две голи пламнати како смола тела што го топат ледот примордијален на камената епоха.
Маж и Жена голи како кристал, како сталактити и сталагмити што светат натпевајќи се со мракот во подземјето, прегрнати во цврста плетка во пештерата; две огромни соѕвездија на Кумовата слама што фрлаат искри и зад рабовите на просторот и времето. Тие двајцата што го досоздаваат сега она што ќе стигне да го досоздаде Бог во славните шест дена. Тие сега како Прва Двојка, Праматерија и Прабиос на живото постоење се творци милениуми пред Ајнштајн, Хајзенберг и Бор и на квантната физика целосно измешана со музиката и поезијата.

Камена пештера, работилница-храм, научна лабораторија во која науката на еросот и страста не ја признава гравитацијата што влече надолу кон смртта од чиј кобен каузалитет и Њутн како да посака да се ослободи во постари години, откривајќи го тајното злато на алхемијата. Пра. Маж и Жена со образот и телата залепени за лицето на каменот се љубат и горат, создаваат пород, поколенија, цели народи. Работилница на еросот е тоа и вулкани се бакнежите на двајцата во кои се распрснуваат и светат милиони сонца додека врие хаосот околу нив во кој пловат во делириум пијани нивните колкови, бедра, раце, нозе и обожествените гениталии. И сè е тука во екстаза низ која како низ плодна нива, отклучувајќи ги одаите на заспаните семиња, чекори Светиот Дух. Тој сега дава на знаење со што вреди, макар и толку кусовечен, животот и зошто е драгоцена куќата што се гради врз темелот на болката и раната преобразени во причест, во нафора и вино, во песна, во венчални ружи, сватовски коњи и свадбарско оро.

Маж и жена пламнати што горат влезени еден во друг, кога го пушта Мажот одврзан коњот низ таа света порта во галоп низ мочуриштата прапочетни полни со папрат, стаен хаос и со длабоки прашуми во кои, еден покрај друг, се братимат ѕверовите и ангелите од небото слегнато ниско до образот на оваа магиска праслика. Така. И тоа е Првата Ноќ по оној изгон од сивата безлична вечност, осветлена сал од Дрвото на Познанието и двете голи тела на Тој и Таа испреплетени во витлите на огнот на бакнежот и страста како празнење, за што тие беа сурово казнети од Отецот. Две голи тела. Пратела, две пламнати соѕвездија што ги измешале милијардите ѕвезди и соѕвездија крвните зрнца-планети и не се знае кој е кој и што е што во тој делириумски дионизиски хаос. А тоа беше всушност и подготовката за Првата жетва и Првиот род, за Првото вино полно со свадбарски песни и ора наточено во бочви од лозјарниците што ги посади во мислата Господ, а потоа се курдиса крснозе среде нив и пред да го почне создавањето на светот. Виното што ги фрли сега во камената пештера во страст, во ерос и Првиот Маж и Првата Жена. Виното свето од лозјето Господово, од неговите дрочни гроздови што можеме да ги видиме и по олтарите на македонските цркви, тие од претсоздавањето уште замислени свети дионизиски, не само аполониски, крчми на Духот и Словото во кои се напија пред да се родат вино македонските копаничарски тајфи.

Маж и Жена. Работилница на еросот, ковачница во која се кове големиот свадбен, венчален прстен за сите идни младоженци. Тие се на почетокот од својот Опус мунди. Прапочеток, дело апсолутно нивно, во кое Создателот како апостолите во Гетсеманската градина можеби се успал смртно и сега само Тие двајцата работат на нивата чија основа се болката и раната што ги преобразуваат од елегија во химна, во апсолутно постоење, Големата Афирмација. Тоа е Новиот Почеток од кој се креваат новородени поколенијата и народите, целата иднина, сепостоењето. Ама за тоа е потребна напорна работа. По цело божјо ледено деноноќие во кое ноќта е цела година подолга од денот, како огнило и кремен секаат тие две голи тела, пратела и горат како запален трат, триејќи се, спојувајќи се и влегувајќи едно во друго. Колкови, бедра, златни ридови, длабока клисура низ која Мажот како коњаник носејќи ја првата зора под мишка минува, а потоа заталкан влегува во тунелот искрснат како темно сонце во дијамант пред него, во рудникот што го влече сè повнатре и повнатре со златната жица на еротската страст апсолутно трансцедентална, бликната од самата божја свест што се покајала за казната изречена за гревот свет. Да. И тој грев веќе не е проклетство, туку празник голем и свечен, трпеза на која голата сиромаштија е преобразена во царско богатство, дури и со епитетот небесно. Богатство пред кое се колеба и терезијата на Господ. И влезен Тој во рудникот со име Жена ги копа низ длабоката ноќ на јагленот Синот и Ќерката, првата алка од синџирот на поколенијата и народите. Рудникот од кој по секое влегување и напорната работа Тој излегува натоварен со вреќи полни со дијаманти.

И работи без престан таа ковачница во која се твори новиот Опус мунди и новата алхемија од новата Материа прима, кои дури, збунет, ни Господ не беше подготвен да ги сфати целосно и да го проучи ракописот на нивните хиероглифи, на клинестото писмо, на глаголицата во која се огледува кристално чисто распоредот на соѕвездијата во вселената и царскиот печат со милијарди културолошки знаци на македонската душа.

Работи до крајните брегови на вечноста со есхатолошки знаци, што го поместуваат постојано хоризонтот на животот, таа ковачница на еросот. И секаат без престан во неа огнилото и кременот во кој од пепелта се буди ружата на огнот. Работат тие две пламнати како смола тела, го топат цели педесет милиони години ледот што ги опашал до крајните рабови на земјата и вселената, подготвувајќи ја Првата пролет на човештвото. Таа што зрее во утробата трудна на Жената, а треба да се разбуди и да запее химна во секундите трошни на минливоста. Има резултат! Деноноќно, со столетија работат во Ковачницата на животот тие, Чеканот – Маж и Наковалната – Жена. Тој пламен, искрите што летаат насекаде во просторот од телата што се тријат едно од друго и што влегуваат едно во друго, го топат ледот што ја опашал земјата и соѕвездијата опшиени по рабовите со скреж. И глеј откровение: се отвора најпосле пред нив Првата пупка на Првото пролетно цвеќе со страшна грмотевица, гласот на Творецот што минува во свечена одежда на проштевањето како архијереј низ Првиот грев на Тие двајцата како низ плодна бразда на преобразената грешка во која ’рти семето на поколенијата зачнати во Првата работилница на еросот со име Постоење. Да. И награден е трудот и признаен и преземен од породот богат, кој таа архиигра на еросот ја престори во храм во кој и самиот Создател се причестува со нафора и вино, задоволен од она што го создал, најпосле покајан и за казната што ја изрекол за гревот свет од кој потече реката на новото создавање на светот, на поколенијата и народите, на сите новородени сега, утре и во бескрајно длабоката иднина, кои само што се родиле како внуци, а веќе се предци, отворајќи ја вратата на новиот циклус во бескрајот на времето.

Да. И еве ја сега распојасана моќната песна на Создателот, клучот што ги отклучи изворите на сепостоењето и ги наполни до врв и преку работ морињата да се прелеваат над високите планини на срцето на Тие двајцата и над нивните колкови и бедра што блескаат како сталактити и сталагмити, на Мажот и Жената целосно андрогини сега, споени во Едно што станува две, а потоа Три. Свето тројство, семејство на чија синија ангелот од небесните ниви на Бог директно снесува Леб и од лозјата негови Вино. Ете, на крајот какво откровение е и какви чуда прави таа света страст заради која беа прогнати од Едем Тие, а од која сега и Тој што ги казни се збуни и прости.

(продолжува)