„Соединување на забецот“ или „мирисот на војната“

Повеќе нема никакви дилеми, ерата на детантот меѓу големите сили во Европа и во светот е завршена и повторно планетата Земја е втурната во нова и мошне опасна студена војна, која се заканува да биде поопасна и постудена од претходната, бидејќи старо-новите противници, сега без идеолошки предрасуди и заблуди, сакаат, како и во минатиот век, да ја разделат Земјината топка на два дела – Запад и Исток

Кон крајот на минатиот месец, со голема помпа беше објавено дека на територијата на Норвешка почнува најголемата воена вежба на НАТО одржана на европска територија по завршувањето на Студената војна, на која учествуваа 50.000 војници и вооружување од 29 земји на Алијансата, со 65 пловни објекти, 150 авиони и над 10.000 разновидни возила што беа користени во овие маневри.
Меѓутоа, како што посочува и поранешниот премиер на Шведска Карл Билт, ексклузивност на оваа вежба претставуваше податокот дека логистичка поддршка на единиците на НАТО за време на маневрите им дадоа и воени единици на Шведска и Финска, кои не се формални членки на НАТО-сојузот, туку имаат статус на привилегирано партнерство. На овој начин, се прашува Билт, дали не се прекршува принципот на зачувување на правото за меѓународна неутралност на двете нордиски земји и дали нема на внатрешен план и во Хелсинки и во Стокхолм да се појават политички шпекулации во полза на поддршката на веќе постојните опозициски желби овие две напредни и економски развиени европски земји во скоро време сепак да ѝ се приклучат на Алијансата.

Засега, на Русија ѝ се упатуваат успокојувачки пораки дека овие НАТО-вежби имале исклучиво одбранбен карактер и дека не претставувале опасност за никого. Судејќи според последните изјави на руското политичко раководство и особено на нејзиниот воен врв, министрите за надворешни работи и за одбрана, Лавров и Шојгу, Кремљ не е спокоен од тоа што се случува непосредно на руските северни граници. За евентуалниот пад на последниот бастион на меѓународната воена неутралност и независност во Европа, Русија е животно заинтересирана. Во полза и поткрепа на еден ваков заклучок одат и руските остри реакции до владите на Шведска и Финска, заради загрозување на безбедноста на нејзината територија од другата страна на Финскиот Залив на Балтикот, иако, според масовноста и ангажирањето на импресивниот воено-технички потенцијал, „Спојување на трозабецот“ многу потсетува и најверојатно треба да биде одговор и пандан на воената вежба „Исток“ на руската армија, одржана во август годинава на источните граници на Руската Федерација. Се шпекулира дека во оваа вежба учествувале над 300.000 руски војници и значително поголем број воена техника и вооружување, што се смета за најголема воена вежба во Европа по завршувањето на Втората светска војна.

Повеќе нема никакви дилеми, ерата на детантот меѓу големите сили во Европа и во светот е завршена и повторно планетата Земја е втурната во нова и мошне опасна студена војна, која се заканува да биде поопасна и постудена од претходната, бидејќи старо-новите противници, сега без идеолошки предрасуди и заблуди, сакаат, како и во минатиот век, да ја разделат Земјината топка на два дела – Запад и Исток. Поголемиот нам, а помалиот вам. Глобализмот како да е мртов, сите постигнати договори за разоружување од минатото се погазени, а новата трка во вооружување со нови воени средства и оружја веќе е започната. Оружјето, барем засега, контролирано се покажува и веќе на големо се проверуваат и анализираат неговите апокалиптични својства и ефекти. Сѐ почестото одржување спектакуларни и широкомаштабни воени вежби од едната или другата страна, на сите географски широчини и должини, по можност што поблиску до носот на противникот, пред неговите очи и уши; да види, чуе и да ја помириса аромата на новата трета светска војна, небаре претходната со сите нејзини стравотии е заборавена. Најголем дел луѓе веруваат дека ѕвечкањето со оружје никогаш не донело нешто добро и убаво, тоа било и ќе остане само една зла коб за луѓето и човештвото, за нивната иднина и судбина. Дали тие воени вежби на кои се трошат огромни средства и богатства ќе се именуваат како одбранбени и дефанзивни, или како показни и демонстративни е сеедно, нивната суштина и намена секогаш се исти и во преден план служат за да влеат страв и трепет во коските и душата на спротивната страна, а да ги покажат техничко-технолошката предност и супериорност на својата.