Лук не прави хумористични илустрации и карикатури. Неговите цртежи по правило секогаш се поврзани со неправдата во општеството. Прашањето на бегалците, поточно односот на Европската Унија кон нив, но и судирите на Блискиот Исток, исто така се теми што ги разработува. И уништувањето на светот е честа негова тема, а за тоа непресушна инспирација му е американскиот претседател Доналд Трамп

Лук Дешемакер

ЛИЧНА КАРТА: Лук Дешемакер е белгиски илустратор и карикатурист. Децата од градинката во која работи неговата жена го знаат како Пиратот од Карибите што со нив изработува знамиња и костими. Американскиот претседател Доналд Трамп го гледа како свој лут критичар, а белгиската кралица го запамети како исклучителен режисер.

ХУМАНОСТ: Многу семејства во Бангладеш во него гледаат хуманитарец што им помогнал да изградат повеќе од 2.400 куќи, а неговите поранешни ученици во спомен на неговото име се сеќаваат на својот пензиониран професор по уметност што како модел им ја носел својата 90-годишна мајка.

ПОПУЛАРНОСТ: Сепак, овој необичен Белгиец остатокот на светот го познава најдобро по псевдонимот О-секоер. За нив тоа име го претставува илустраторот и карикатуристот што за три децении работа собрал повеќе од 150 награди на голем број меѓународни натпревари.

КОСТИМ: Често носи пиратски костим за кој вели дека го направил пред неколку години кога во градинката на неговата сопруга тема биле гусарите. Оттогаш го има и повремено во него оди во градинката да ги развеселува децата.

ДЕТСТВО: „Во градинката имавме голема илустрација на волк на ѕидот. Повеќе пати ѝ кажував на негувателката дека тоа не е волк туку куче, па таа еден ден ми рече во тој случај да нацртам волк. Го избоија ѕидот бело, ми дадоа боички и го нацртав“, раскажува Лук за почетоците. Потоа сите во соседството почнале да зборуваат како малиот Лук знае убаво да црта. Оттогаш сѐ почнало да се движи во насока на цртањето.

ОБРАЗОВАНИЕ: Се запишал на академија и станал професор по уметности во средното училиште „Синт-Јозефс“ во Торхоут, град 60 километри од Антверп. Своето знаење и видување за уметноста им ги пренесувал на учениците, поттикнувајќи ги да ја пронајдат креативноста во себе. Тоа го работел 40 години, сѐ додека не отишол во пензија пред две години.

КРАЛСКА ПОЧЕСТ: Неговата работа ја препознала и белгиската кралица Паола Руфо ди Калабриа, која му го врачила кралското признание за претставата за холокаустот за деца, направена според познатиот цртан роман „Маус“ на Арт Шпигелман.

ТЕМИ: Лук не прави хумористични илустрации и карикатури. Неговите слики по правило секогаш се поврзани со неправдата во општеството. Прашањето на бегалците, поточно односот на Европската Унија кон нив, но и судирите на Блискиот Исток, исто така се теми што ги разработува. И уништувањето на светот е честа негова тема, а за тоа непресушна инспирација му е американскиот претседател Доналд Трамп и благодарение на него ја освои првата награда на годинашниот натпревар „Ворлд прес картун“ во Португалија. За овој фестивал направи цртеж на риба што личи на Трамп, а пред себе има мобилен телефон што свети. Цртежот носи наслов „Селфиш“.

ИНСПИРАЦИЈА: „Трамп ми е најдобар пријател, со него никогаш не ми недостига инспирација. Наутро ќе видам каква глупост направил и почнувам да цртам. Речиси секој ден ми нуди нешто ново“, се шегува Дешемакер.

МЕДИУМ: За него цртежот е најсилен медиум. Како што вели, песната трае три минути, филмот два часа, книгата еден или два дена, а цртежот за гледачот постои само неколку секунди. И во тоа кратко време авторот мора да раскаже иста приказна како и другите уметници низ своите медиуми.

ЗА ЦРТЕЖОТ: Според него, посебноста на цртежот е во тоа што се врежува во потсвеста. Така, на неговиот цртеж на маица на која пишува „Го сакам Париз“, зборот „сакам“ е заменет со срце што крвави. Направен е неколку часа по терористичкиот напад на париската сала „Батаклан“ во кој загинаа 129 луѓе.

ДЕЛА: Во кариерата направил илјадници цртежи низ кои ги осудувал светските лидери и повикувал против неправите. Тие дела го обиколија светот. Целта му е да ја искорени неправдата во светот.