Македонските граѓани низ историјата постојано беа сведоци на недораснатоста на пратениците на функцијата што треба да ја вршат, па наместо носење клучни закони важни за иднината на државата, од собраниската говорница се читаше поезија, се тропаше со тенџериња, се пееше туѓа химна, се поставуваа транспаренти, се исклучуваа микрофони, се трупаа илјадници празни амандмани итн. Ваквите практики ги користеа сите парламентарни состави без исклучок, а, за жал, тие и понатаму продолжуваат да се повторуваат како еден лош филм на штета на граѓаните и државата

Tри децении пратениците си играат парламент

Последниот случај во Собранието околу натегањата меѓу пратениците пред гласањето за петтиот пакет помош за стопанството повторно ја покажа онаа грда слика на нефункционалност од која страда македонскиот парламентаризам изминатите три децении.
Македонските граѓани низ историјата постојано беа сведоци на недораснатоста на пратениците на функцијата што ја вршеа и ја вршат, па затоа на собраниските седници наместо аргументирана расправа и носење клучни закони важни за иднината на државата се случуваа читање поезија, тропање со тенџериња, пеење туѓа химна, распостелување транспаренти, исклучување микрофони, амандмански блокади, па дури и физички пресметки.
Ваквите практики ги користеа сите парламентарни состави овие 30 години без исклучок, а продолжуваат да се повторуваат и сега како еден лош филм што нема крај, а е на штета на граѓаните.
Дополнително загрижува немањето основно чувство за моментот во кој се наоѓа општеството. Имено, во време кога илјадници граѓани и компании чекаат помош од државата да преживеат во периодот на пандемија, пратениците продолжуваат да се однесуваат крајно несериозно, повеќе грижејќи се да му наштетат на политичкиот опонент отколку да им помогнат на оние на кои помошта им е и повеќе од потребна.

– Имајќи го предвид значењето на поддршката во кризен момент, во каков и се наоѓаме, апелираме до сите пратеници во парламентот на државата итно да се состанат, да го изгласаат петтиот пакет економски мерки и целата оваа ситуација конечно да се реши брзо и ефикасно во корист на македонската економија и на граѓаните – изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора, откако увиде дека поради несериозноста на пратениците под знак прашалник се доведува поддршката за 20.000 компании и околу 130.000 вработени, како и 25.000 граѓани од ранливите категории.
И додека стопанствениците и граѓаните апелираат на разум, собраниската „театарска претстава“ отиде дотаму што претседателот на Собранието го повика и обезбедувањето да ги отстрани непослушните пратеници, што е уште една потврда дека претставниците во законодавниот дом се целосно недораснати на улогата што ја имаат, туку повеќе се однесуваат како деца што треба да бидат заплашени со „чичкото полицаец“.
Згора на тоа, им недостигаат и основна парламентарна култура и соодветен речник, па се наметнува прашањето дали нешто воопшто научиле од стотиците патувања, состаноци, средби, обуки и размена на искуства што ги имале изминатите години шетајќи се на државна сметка низ Париз, Брисел, Лондон и другите европски центри.
Повеќе од јасно е дека за три децении Собранието меѓу граѓаните повеќе се доживува како деструктивен елемент во државата и институција за потсмев, отколку како највисок законодавен дом и колепка на демократијата.
– Пратениците немаат одговорност кон никој друг освен кон лидерот. И нормално, кога немаш никаква одговорност туку само бенефиции, тогаш ќе го злоупотребуваш Собранието и едноставно гајле ти е за сè. Воопшто и да не станува збор дали се тие дораснати или не на функцијата, работата е во тоа што класично ја злоупотребуваат целата ситуација, а на крајот на месецот земаат плата – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Според него, додека државата од обичните граѓани ги наплатува сите давачки во согласност со законите, за пратениците законите не важат.

– Тоа покажува дека тие се над сите и тоа намерно се прави со години, така што очекувам да има енормна апатија на следните избори. Кога не постојат одговорности, зашто пратениците би се замарале? Треба да се донесе закон. Пратениците мора да одговараат пред граѓаните, а не пред лидерот и ако граѓаните не се задоволни од нивната работа, да можат да ги отповикаат. Значи, со нив треба само остро, односно како што секој треба да одговара ако го прекршил законот, така и тие треба да одговараат за оваа дестабилизација на земјата и намерно носење на стопанството во пропаст – категоричен е Пекевски.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска смета дека случувањата во Собранието се доказ дека Македонија во суштина не е вистинска демократска држава.
– Очигледно е дека има или некое големо недоразбирање што претставува демократијата и начинот на којшто таа се практикува, или, пак, станува збор за неверојатно големо незнаење за целата материја.

Ние немаме во суштина вистинска демократска држава, туку имаме привид на демократска држава, нешто како театарски кулиси, театарска поставка во која сите изговараат текст што очигледно не го разбираат, глумат улоги за кои немаат претстава што суштински претставуваат и само се стекнува впечаток дека имаме држава која ја промовира демократијата и се базира на владеење на правото, а всушност сето тоа е една голема претстава – вели Најчевска.
Според неа, пратениците немаат претстава за суштината на демократијата, улогата на Собранието, улогата на институциите и начинот на кој се одвиваат процедурите.