Работилница со наслов „Систем за рефлектирачко филмско осветлување Бергер/Бартенбах“, изум на лауреатот на „златна камера 300“ за животно дело на „Браќа Манаки“, ќе се одржи на претстојното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола (16-21 септември). Овој систем овозможи многу нови естетски можности за камерата и за директорите на фотографија, но им даде и слобода и флексибилност на актерите и на режисерите, бидејќи ја елиминира потребата од многу кабли, сталки, филтри, електрична опрема и техничари што мора да бидат околу актерите во моментот на снимањето на сцената.

– Првпат го користев системот за рефлектирачко филмско осветлување кога работев со режисерот Михаел Ханеке, на филмот „Учителка по пијано“. Го користев само во мали делови, не на целиот филм. Тоа беше тест за мене да видам како работи, како можам да го користам и, се разбира, без знаење на Ханеке. Но, по два часа снимање, тој забележа и рече: „Немој да експериментираш со моите филмови!“ Но сега Ханеке го сака овој систем и од 2001 година го користам на сите мои филмови – раскажа Бергер во интервју за холандско списание за филм.
Кристијан Бергер е годинашен добитник на „златна камера 300“ за животен опус на 42. ИФФК „Браќа Манаки“ и еден од најприсутните светски кинематографери на фестивалот. Беше претседател на петчленото жири во 2008 година, на 29. издание на „Браќа Манаки“, а во 2012 година беше лауреат на „специјалната златна камера 300“, за особен придонес во светската филмска уметност. По девет години, со полната авторска зрелост, тој е крунисан со годинашната „златна камера 300“ за животен опус, со што Бергер заслужено станува најновиот член на Клубот на великаните на фестивалот „Браќа Манаки“.

Врвот на неговата авторска креативност како водечки европски и светски кинематографер е тандемската соработка со водечкиот, не само австриски туку и европски и светски, режисер и сценарист Михаел Ханеке. Речиси сѐ што е најзначајно во неговиот опус е визуелно потпишано од Бергер.
Бергер последно работеше на филмот „Ноќ од 1.000 часа“, кој е во постпродукција, во соработка со уште еден познат австриски режисер, Виргил Видрих, а неговото последно дело е од 2015 година, драмата и романса „Покрај море“ на Анџелина Џоли.