Американските власти не ја исклучуваат можноста од смртна казна за напаѓачот што уби најмалку 11 лица во синагога во Питсбург

Американските власти не ја исклучуваат можноста од смртна казна за напаѓачот што уби најмалку 11 лица во синагога во Питсбург. Против Стивен Бауерс се поднесени дури 29 обвиненија, по нападот во кој беа ранети десет лица, меѓу кои и најмалку четворица полицајци. Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека ваквите злосторства заслужуваат смртна казна. Масакрот во синагогата „Дрво на животот“ е најголемиот напад врз еврејската заедница во поновата историја на САД, пренесуваат светските медиуми.

Јавниот обвинител на САД, Џеф Сешнс, порача дека против Бауерс (46) се поднесени повеќе обвиненија за злосторство од омраза, убиство и други злосторства. Овие обвиненија може да доведат до смртна казна.

– Омразата и насилството врз верска основа немаат место во нашето општество. Овие злосторства се за осуда и се во спротивност со вредностите на американската нација – истакна Сешнс.

Во текот на нападот, според Си-ен-ен, Бауерс повеќепати изјавил дека „сите Евреи мора да умрат“. По пристигнувањето на полицијата во синагогата, тој продолжил да пука, при што ранил најмалку четворица полицајци, пред да биде совладан. Бауерс, кој бил активен и на десничарски интернет-форуми, е пренесен во болница откако во престрелката добил повеќе прострелни рани.

Стивен Бауерс

Претседателот Трамп изјави дека е ужасно тоа што се случува во Америка поради омразата. Според него, извршителите на вакви напади треба да бидат казнети со смртна пресуда.

– Насилството мора да престане. Сепак, исходот од престрелката можеби ќе беше поинаков ако во синагогата беше присутен вооружен чувар. Вооружените чувари се добра идеја за сите цркви и синагоги – додаде Трамп.

По инцидентот се огласи и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој порача дека нападот во Питсбург е „страшен антисемитски напад“.

– Вознемирен сум од смртоносниот напад што се случи во Питсбург. Целиот народ на Израел сочувствува со тагата на семејствата на загинатите – додаде Нетанјаху.