Словенците во четврт-финалето го совладаа бранителот на титулата, Русија, со 3-1,
и следен ривал ќе им биде светскиот шампион Полска, која во второто четврт-финале
триумфира над Германија со 3-0

Словенија и Полска ќе играат во првото полуфинале на Европското првенство (ЕП) во одбојка, утре во Љубљана (арена „Стожице“, 20.30 часот). Словенците во полуфиналето се пласираа по триумфот над еден од најголемите фаворити, бранителот на титулата Русија, со 3-1 (25-23, 25-22, 21- 25, 25-21), во мечот што траеше 130 минути. Светскиот првак Полска, без поголеми напори, во Апелдорн, Холандија, оствари победа над вицепрвакот од 2017-та, Германија со 3-0 (25-19, 25-21, 25-18) за 81 минута.

Словенците бодрени од рекорден број гледачи во досегашниот тек на ЕП, 11.225, одиграа блескав натпревар и сосема заслужено, вторпат (првпат во 2015-та) се во полуфинале на ЕП. Ова беше и прва победа на Словенија над Русија по четирите порази.

Словенците, кои убедливо загубија од Русите во натпреварот од групната фаза (0-3), беа одлични на сервисот (11-8 во „асови“), а имаа помалку грешки од ривалот, 43 наспроти 68.

– Ова е лудо. Сонував за ова и знаев дека еден ден ќе се случи. Имаме најдобри навивачи во светот. Не можам да ги опишам моите чувства. Одиме на злато – изјави словенечкиот блокер Јан Козамерник. 


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Словенија – Русија 3-1
2. Полска – Германија 3-0
3. Србија – Украина синоќа
4. Франција – Италија синоќа

ПОЛУФИНАЛЕ
Словенија – Полска утре
Победник 3 – Победник 4 петок