Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија до 2020 година има на располагање вкупно 80 милиони евра за земјоделството, од кои 60 милиони европски пари и 20 милиони домашна поддршка

Oпштините да се насочат кон повлекување на ИПАРД-средствата бидејќи преку програмата може да се реализираат голем број мали проекти во вредност од 10.000, 20.000 и 50.000 евра. Сепак, патот до европските пари воопшто не е лесен бидејќи процедурите се бирократски комплицирани. Словенечките искуства покажуваат дека за нивна поголема искористеност во земјоделството неопходни се знаење, пренос на искуства, но и конкретна помош од државата. Ова беше кажано на вчерашната конференција за менаџирање и искористување на ЕУ-фондовите во Стопанската комора на Македонија.

Словенечкиот амбасадор Милан Јазбец истакна дека не е лесно да се дојде до европските пари бидејќи процедурите се комплексни и бирократски комплицирани.
– Идниот месец во Македонија ќе дојде словенечки тим што ќе ги пренесе нашите искуства, ќе овозможи ноу хау, кој ѝ е потребен на Македонија за ефикасно искористување на ЕУ-фондовите – нагласи Јазбец.
Директорот на Платежната агенција на Македонија, Николче Бабовски рече дека е најдобро земјава да се фокусира на правење добар, квалитетен и конкурентен производ, кој ќе ѝ овозможи и на преработувачката индустрија да повлече што повеќе пари.

Како што информира Бабовски, за ИПАРД 2 досега се потпишани над 100 договори за повеќе од 4,6 милиони евра кофинансирање, најмногу во преработувачката индустрија и за обнова на земјоделската механизација.
Директорот најави дека за еден и пол месец ќе биде распишан нов повик.
– Интересот е голем и кај земјоделците и кај преработувачката индустрија, а тоа го потврдува и бројот на апликации, кои на првиот повик од ИПАРД 2 достигна 1.648. Ќе направиме сѐ за максимално да ги искористиме средствата од ЕУ – истакна Бабовски.
На конференцијата во Стопанската комора беше нагласено дека Платежната агенција на Словенија 99,9 отсто е компјутеризирана и работи електронски.

– Го поедноставивме процесот со што сите наши корисници добиваат информации веднаш. Се врши и таканаречен крос чекинг – рече директорот на Агенцијата за земјоделство и рурален развој на Словенија, Бенедикт Јеранко.
Македонија до 2020 година има на располагање вкупно 80 милиони евра за земјоделството од кои 60 милиони европски пари и 20 милиони домашна поддршка.
Во обраќањето на конференцијата директорот на Платежната агенција Бабовски потсети дека изминатите години Македонија не може да се пофали дека ги искористила средствата од ИПАРД зашто повлечени биле само 17 отсто, а тоа Европската комисија во последниот извештај за напредокот го квалификува како незначително.

– Слабата екипираност, недоволната информираност и едукација на земјоделците беа клучните причини за слабото искористување на европските пари. Новата влада го препозна ова и веднаш се зафати со надминување на слабостите – подвлече Бабовски додавајќи дека на македонскиот аграр му е неопходно модернизирање со паралелно приспособување кон европската регулатива.