СЛИКИ ОД МОИТЕ БЕЛГРАДСКИ ГОДИНИ, 8

Во осмата деценија од минатиот век, од патувачките возила убедливо најмногу користев воз, а релација што најчесто ја минував беше Скопје – Белград, и обратно. Дење, патував со деловниот воз, најбрзиот во она време, ноќе, пак, користев т.н. туристичка класа, нешто поевтино од спална, а малку поскапо од кушет, со три легла во купето, што со оглед на студентскиот попуст нудеше комфорно патување. Особено во вторничните ноќи кога поради намален број патници само едно легло во купето беше окупирано и тоа „за мене“.

Така еден вторник резервирав за туристичка, па задоволен вечерта се качив во вагонот, сигурен дека и овој пат ќе уживам во патувањето. Што испадна уште поинтересно од она на кое се надевав. Имено, истиот вагон, до половина со туристичката, во другата половина беше спална кола, но со заеднички ходник каде што додека возот забрзано се тркалаше, патниците пушејќи, тераа ноќни муабети. Во ходникот таа вечер го сретнав тетин ми Сашо Спасов во друштво со висок, џонвејновски тип маж. Веднаш го препознав. Славко Јаневски. Се враќаа од новосадските „Змаеви игри“ каде што Јаневски ја доби годишната награда. Беше една од најпрепознатливите фигури на македонската литературна и културна јавност. Се знаеше дека неговата политичка моќ е голема.

Но мене Јаневски не ме привлекуваше поради својата импозантна физичка и политичка моќ, туку поради „Улица“, „Скици од преданието Каинавелиско“ и „Тврдоглави“, што изродија три впечатливи доживувања во моето детство, гимназиски денови и за време на студиите. Кога ја читав „Улица“, со другарите ги пренесувавме сцените од книгите во нашите маалски игри. Така, ликовите на Славе, Баждар, Кузман, црните браќа речиси рамноправно провлекувајќи се меѓу Винету и Олд Шетерхенд, пан Заглоба и пан Володиовски и четирите мускетари, станаа дел од нашите улични „филмчиња“. Можеби затоа што приказната беше скопска, можеби затоа што маалските другарства и соперништва беа успешно доловени и препознаени, „Улица“ ми беше најомилената македонска книга во детството. Вториот настан поврзан со Јаневски се случи во преполнетата аула на стариот монтажен МНТ, каде што театарската група „Кај Св. Никита Голтарот“ одигра, според две негови стихозбирки, за она време во Скопје мошне необична претстава. Тогаш „Голтарите“ за нас, скопските гимназијалци, со нивното заедничко живеење и работење во конаците на манастирот „Св. Никита“, со манифестот за алтернативен театар и ослободените ритуални перформанси во изведбите, беа жива манифестација на слободоумниот долгокос хипи-дух, кој од Вудсток и студентските демонстрации во 1968-та, се вовлече и во нашите размислувања.

(продолжува)