Слики од моите белградски години (16)

Почетокот на приказната за моето студирање во Белград е врзан и за Моне, мојот цимер од бруцошките денови. Моне ме дочека во мансардата на Сењак, во предвоената куќа што сега им припаѓаше на г-ѓа Ј. и тета Лепа. Гласот на тета Лепа беше од оние пробивно гласните што, во недостиг од петловото кукуригање, го најавуваа утрото низ целата куќа и поблиската околина. И ден-денес, по четириесет и пет години, можам да го чујам нејзиниот кресок како се шири низ ѕидовите и преку полуотворените прозорци, истрчува и се искачува по стрмнината на улицата. Таа во домот на семејството Ј. беше доведена по војната од некое сремско село да „ѝ се најде“ на сопругата на тогашниот министер за здравство, другарот Ј. Во нејзиното родно село имало три цркви, православна, католичка и протестантска, и швапски куќи со широк влез во дворот за да можат да поминат коњи со кочија. За разлика од градот во кој беше „преселена“, селото, кажуваше таа, многу побавно се менуваше. Куќите останаа исти како пред војната, само што дојдоа нови жители, Босанци, на местото на старите, Швабите. Понекогаш тета Лепа потпевнуваше еден смешен рефрен од детството: „Шпиц, Маер, Шпигелмаер, и Најмаер, Могош, Могош!“, па со време, и јас ѝ се придружував на крајот од рефренот. Тој врежан рефрен можеби носеше презимиња на вистински луѓе, кој знае што им се случило за време на војната, можеби некои од нив биле фолксдојчери и завршиле пред стрелбата на партизанскиот вод, или преку лето, полускришно, како туристи пензионери, се враќаат во селото да си ги видат куќите сега населени од многудетни семејства „симнати од планина“.

Освен имињата на жителите на селото од нејзиното детски песнички, во сеќавањата на тета Лепа главно место имаа овошките. Тета Лепа надолго и нашироко зборуваше за дивите скоруши покрај припитомените круши караманки, за малите модри сливи и наспроти нив, за поголемите жолти, т.н. „јајачи“, за грозјето бело афусали, за црвеното хамбург, за јаболката петровки, за белите дудинки… се добиваше впечаток дека таа живеела во некој огромен овоштарник каде што постојано цутело и се раѓале плодови што понекогаш се негувале и варделе, но секогаш се јаделе.

Можеби тета Лепа сакаше толку да зборува за овошките на своето село зашто нејзиното второ живеалиште во кое беше донесена од своето родно место беше токму Сењак. Како што и кажува името, во таа белградска населба, во седумдесеттите на минатиот век, двокатните куќи беа опкружени со широки градини со многу дрвја. Што на овие предвоени куќи им даваше една ненаметлива отменост, спокој и заштита од надворешниот свет. До прозорецот на нашата студентска мансарда налегнуваа горните гранки на големата вишна, кои напролет, кога ќе ги отворевме прозорците, буквално влегуваа внатре, во собата, накитени со ситни, бели цутови.

Потеклото на г-ѓа Ј., за разлика од она на тета Лепа, доаѓаше од друг амбиент.
Кога се доселив на мансардата, г-ѓата Ј. веќе долги години беше вдовица. Нејзиниот сопруг, гинеколог и министерот по здравство, инаку мошне постар од неа, беше погребан, одамна пред моето доаѓање во мансардата, со сите државни почести и звуците на воениот, лимен оркестар. Г-ѓата Ј. со нескриен вознес зборуваше за тој торжествен настан, на кој „замислете, Александар, присуствуваше лично другарот Тито, со целото раководство, и Кардељ, и Ранковиќ…“. Иако Ранковиќ веќе беше отстранет од СКЈ и од сите јавни функции, за г-ѓата Ј. тој сѐ уште стоеше десно од Тито на незаборавниот гоблен од тој свечен чин на нејзината лична историја кога се простуваше од сопругот.

И покрај тоа што ги раскажуваше своите спомени со подигната внесеност а ла Станиславски, нејзиниот живот навистина беше исполнет со драматични настани. Нејзиниот татко, генерал, се викал Александар, па затоа, за целиот мој двогодишен престој во куќата на Сењак, г-ѓата Ј. не ми се обраќаше по мојот прекар, како што тоа го правеа Моне, тета Лепа и сите други, туку со нагласено изговорениот „Александар“. Можеби и Ранковиќ поради името имаше заштитено место во нејзините сеќавања.

(продолжува)