Слики од моите белградски години (14)

Отсекогаш сум користел бележници, роковници, тефтери за да го запишам она што во минување ми паѓа на памет. Две-три реченици или цели страници напишани набрзина ме потсетуваат на миговната мисла или импресија. Потоа, многу од ваквите брзометни записи се вклопија во „Антиупатствата за лична употреба“, што, во сета своја хибридност, ја задржаа делумно таа првична спонтаност.

Во еден од роковниците, уште од времето на федерацијата, а што сѐ уште не сум го исполнил, на почетокот стои упатство од печатарот: „Темите за кои сме разговарале, размислувале или сме се инспирирале од нив, запишувајте ги во табелата Преглед на поважните теми, со што на едно место ќе добиете хронолошки преглед на вам корисните теми“.

Во овој случај, кратката забелешка што ја најдов во таа табела ме врати на еден настан од пред три и пол децении, при крајот на мојот белградски. период, што и тогаш, а особено денес, ми изгледа мошне „филмски“. Интересно е што сега не би можел точно да се сетам на изгледот на главниот лик. Иако, речиси без напрегање, паметам добро ситни детали од порано, на пример, од тие златни времиња на југословенските железници, кога како што кажав, често патував со воз, живо се сеќавам на сопатници од купеата, еве – на една ниска селанка (се сеќавам и на името – Радмила) со голи, дебели раце, без еден преден заб и со шарена шамија околу главата, која на синот што студираше во Белград му носеше, сред лето, две торби преполни со тегли со компоти. Или на еден весел, долгоног младич, Французин со очила, две години постар од мене, кој патуваше во Грција на одмор, а со кого толку добро се исприкажавме во купето, што решивме да ја преспие ноќта кај мене во Скопје, за потоа да остане уште цела недела. Или на еден чичко во сив костум, сличен на трговски патник, кој постојано кажуваше мрсни вицеви пред шестмина или седуммина во купето, меѓу кои беше и една русокоса, со нападно нацрвени усни и со исто толку нападна смеа по секој кажан виц, а кога типот пред да се симне (мислам во Куманово) онака, пред сите, наместо виц изјави дека секој ден мастурбира, таа хистерично се закикоти.

Ете, сите нив ги паметам, но на изгледот на типот баш не ми текнува. Мислам дека беше црномурест, со мустаќи, но толку, а можеби таа маглива претстава за него доаѓа од мошне мистериозната улога што тој ја одигра во настанот. Можеби неговата незабележливост беше важен предуслов за успешноста на неговата професија: во добрите шпионски романи, кај главните јунаци преовладуваат тивко присутни ликови од втор план, од сенка, што следат и прислушуваат без напрегање, дури и љубезно, а соговорниците, од кои успеале да ги дознаат најскриените тајни, не им ги помнат лицата.

А и времето кога се случи средбата не беше обично. Во есента 1980-та, само неполни пет месеци по смртта на Тито. За атмосферата во тие денови ќе се самоцитирам од една епизода на расказот „Автобајка“: „… се чувствуваше дека градот е под едно невидливо, но постојано посматрање. Во месните заедници, меѓу шалтерските службеници на факултетот можеби и меѓу начулените келнери, насекаде беа распоредени камуфлирани кодоши. Дури и кога, еднаш месечно, го испраќаше пакетот со валкани алишта за Скопје, човекот на шалтерот задолжен за испораки, кој порано го пречекуваше со весело дрдорење, сега молчејќи го проценуваше пакетот“.

Не би можел да се сетам ниту на денот на патувањето: дали беше во петок, кога најчесто фаќав воз за Скопје? Единствено знам дека беше оној меѓупериод, пред листопаѓањето, кога есента ги презема сѐ уште топлите денови од летото, но што сега испливуваат од некоја меланхолична светлина. Тоа е сезона кога почнуваат да работат училиштата, факултетите и фудбалските првенства. И покрај огромната сенка на заминатиот Маршал што не сакаше да замине и која го наткрили секојдневниот живот, сепак се сеќавам дека пред железничката станица едвај ја избегнав групата растрчани навивачи што се втурна во мене како стампедо млади биволи.

(продолжува)