СЛИКИ ОД МОИТЕ БЕЛГРАДСКИ ГОДИНИ (10)

Со Анте Поповски, пак, среќавањата беа почести. Во тоа време се запишав на постдипломски студии на факултетот во Белград и сѐ уште се опробував во разни жанрови – песни во проза, визуелна поезија, кратки и подолги раскази, есеи… одвреме-навреме објавувајќи во белградски и скопски весници и списанија. Татко ми уредно ги собираше објавените текстови и ги складираше, лепејќи ги во една жолта тетратка и под секој од нив со уреден ракопис ги запишуваше датумот и местото на објавувањето. Сѐ уште ја чувам таа жолта тетратка за да ме потсетува на тоа каков татко беше тој! А направи уште нешто повеќе: моите дотогашни песни и песни во проза ги исчука на машина, ги спои во формат А5 и му ја прати „збирката“ на Анте Поповски, замолувајќи го да ја прегледа и оцени.

Преку мајка ми, гимназиска професорка по литература, со углед и големо влијание врз своите ученици, ги познавав од раната детска возраст Гане Тодоровски, Милан Ѓурчинов, Анте Поповски. Од друга страна, со татко ми, познат библиофил и љубител на книжевноста и уметноста, со почит се дружеа Петар Мазев, Чинго, Благој Иванов… Жал ми е што сите овие значајни автори, кои тукуречи ми беа на дофат, како луѓе не ги запознав подлабоко, туку онака патемно, низ љубезност, досетка или насмевка. Можеби затоа што во мојата белградска деценија, во Скопје доаѓав ретко, а кога ќе дојдев, го минував времето со другарите и со семејството.

Сепак, благодарение на моите родители, се најдов со Анте Поповски и тие наши неколкучасовни разговори, кај него дома или во зградата на „Вардар филм“, ми беа навистина многу корисни и интересни. Тој сосема објективно ги оддели моите творби на „успешни“, „помалку успешни“ и „неуспешни“ и потоа трпеливо ги анализираше една по една, потврдувајќи го ненасилно, но убедливо она што јас го знаев, но не сакав да си го кажам – дека во моето натамошно пишување прозата е многу понадежна од поезијата. На некој начин ме насочи да ја доработувам дебитантската книга кратки прози. Кај Поповски импонираше неговото говорење: со топол, речиси душевен тон, тој беседеше за теми од најширок опсег – книжевни, историски, патриотски, патувачки – доживеано, без напор. Колку беше различен од намножените самобендисани поединци, политичари – актери, јавни интелектуалци и уметници, кои не ретко во приватниот живот играат различна улога од онаа пред јавноста, микрофоните и камерите. Некогаш, не само речникот, изразот и темпото на зборувањето, туку се менува и бојата на гласот. Го познавате тој и тој со децении, мислите дека му ги знаете ставата и гласот, кога ене го на малиот екран, гостин на емисија, го гледате и не ви е јасно – тој ли е, не ли е тој? Станал некако поинаков, некои можеби би кажале – попретставителен, но за мене доста непрепознатлив. Сака човекот да остави впечаток дека е авторитетен и интелектуално успешен, а освен тоа, таков е докажан во својата професија, ама додека го гледам, нешто ми фали – познаникот мој очигледно е во хистрионски исчекор!

(Само)уживањето во јавниот настап е несомнено поттикнато од развојот на демократијата. Еве што пишува за тоа Теодор Зелдин во својата читлива, комуникативна и зналечка книга „Интимна историја на човештвото“: „Иако некои веруваа дека речитиот говорник мора да биде запознаен со сите области на знаењето, мнозинството беше премногу нестрпливо, па пронајдена е пократката патека до успехот: програмата е сведена на проста обука за успешно расправање и техника за зборување на која било тема, дури и кога говорникот не знае ништо за неа. Вештината на убедливо говорење стана нова возбуда, нова интелектуална игра, што политичките собири и судови ги претворија во места за забава…“.
Анте Поповски беше токму спротивното од ваквиот божемен оратор. Имаше благороден дух што изнедрува знаење и спокој.

(продолжува)