Меѓународниот аеродром во Мале е главниот аеродром на Малдивите и единствениот што нуди меѓународни летови во оваа островска држава на Јужна Азија. Сместен е на островот Хулхуле, близу главниот остров Мала, по што го доби и своето име. Порано го носеше името на првиот претседател на Малдивите, Ибрахим Насир, а денес се нарекува и меѓународен аеродром Велана.
Аеродромот првпат е отворен на тој остров во Индиски Океан во октомври 1960 година. Во тоа време, имаше само челична писта со димензии 23 х 914 метри. Новата асфалтна писта беше пуштена во употреба во април 1966 година, благодарение на волонтерите што помогнаа во изградбата. Со текот на годините и со растот на туристичкиот интерес за оваа рајска дестинација, аеродромот е реновиран и изградена е дополнителна инфраструктура. Денес, островот – аеродромот ги содржи и метеоролошката станица и хотелот „Хулхуле“, наменет за патници во транзит. Исто така, дел од аеродромот е хидродром, кој се состои од четири писти за хидроавиони. И додека некои уживаат во спектакуларната сцена додека слетуваат и полетуваат од тој аеродром, другите се исплашени со оглед на фактот дека пистата, широка 45 метри и долга 3.200 метри, се наоѓа на надморска височина од само два метри и изгледа дека во секој момент ќе нурнеш во Индиски Океан.