Влијанието на хипхоп-лириките го наоѓаме и во појавата на денес мошне популарната форма на поетски натпревари, односно слем-поезијата. Во социолошка и културолошка смисла на зборот се однесува на она што се нарекува „култура на младите“ и претставува натпревар на кој поетите читаат или рецитираат свое оригинално напишано дело. Тоа е уметнички перформанс што вклучува повеќе сегменти на уметностите како музика, поезија и театар, доведен во тесна врска со хипхоп-културата. Така, од изведувачот на слем-поезијата се бара да биде МЦ (господар на церемонијата), односно да ги покаже своите ораторски и драмски вештини, за да ѝ го привлече и одржи вниманието на публиката.

Во принцип, такви се хипхоп-натпреварите. Се рецитира пред публика, која со извици решава кој е победникот. Постојат два вида слем-натпревари: „Опен слем“ каде што може да учествува кој било до пополнување на одредениот број слободни места, и „Инвитејшнал слем“ каде што учесниците се повикани да бидат дел од натпреварот. Така, имаме национални натпревари со публиката и жири, кое се состои од 5 судии, додека во помалите најчесто 3 члена. Откако секој поет ќе го изврши својот настап, секој судија доделува бод оценувајќи го настапот. Скалата на бодување најчесто се движи од 0 до 10 бода. Во оценувањето на настапот разбирливо е дека голема улога има и реакцијата на публиката.

Слем-поезијата е специфична по широкиот радиус на гласови, пристапи кон пишување на текстовите и нивното изведување со што се произведуваат различни стилови на интерпретација, но во многу нешта зависи и од културната традиција на поширокиот круг на изведба: местото, времето, јазикот. На таков начин, слем-поезијата може да се поврзе и со усната поезија, специфика на минатите времиња, почнувајќи уште од антиката. Во македонската културна средина таа е запазена и во 20 век, а особено е значајна со поетските традиции кои ги негувале нашите народни пејачки од 19 век, чии песни се застапени во зборниците на Верковиќ, Миладиновци, Шапкарев и др.

Како што кажавме, слем-поезијата дел од својот поттик го наоѓа во поетиката на хипхопот. Без разлика дали користат рими или не, слем-поетите ги користат можностите што ги нуди урбаната култура: играње со гласот, кореографија, драмски настап (стендап), битбокс итн. Еден од најпознатите слем-поети, Саул Вилијамс, во едно интервју од 2015 година ќе истакне: „Хипхопот исполни огромна празнина за мене и за растењето на моите пријатели… Тоа беше единственото контрапостоење во мејнстрим-медиум. Тоа беше клучно, и на ист начин мислам дека поезијата денес исполнува голема празнина (меѓу) младите“.

Славчо Ковилоски