Поетот Славе Ѓорѓо Димоски е добитник на наградата „Антево перо“, првпат востановена оваа година во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски. Како што соопшти комисијата во состав: Венко Андоновски (претседател), Кристина Николовска, Митко Гогов, Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), наградата на Ѓорѓо Димоски му се доделува за необјавената стихозбирка „Кумова слама“. Со тоа, Славе Ѓорѓо Димоски станува прв добитник на оваа нововостановена награда.

Во образложението кон наградата се наведува дека стихозбирката „Кумова слама“ на Ѓорѓо Димоски се издвоила од сите пристигнати ракописи како најзрело поетско писмо, во дослух и со поезијата на Анте Поповски, но и со највисоките достигнувања на современата европска и светска поезија.

На својот заклучен состанок комисијата решила годинава по исклучок (што може натаму да стане и правило), да ги прогласи Михаил Свидерски и Марина Мијаковска за поети-придружници на наградениот поет, и да ги повика како почесни гости на манифестацијата, за што ќе им биде врачено и соодветно признание.