Скриено во историјата: За психијатрискиот третман на хомосексуалната ориентација

Постои несомнена документација дека хомосексуалноста сѐ до 1973 година во Прирачникот за ментални болести е класифицирана како ментална болест. И јас лично, кога студирав и учев психијатрија, оваа појава ја прифатив како една форма на болест. Потоа, тоа е заменето со дијагнозата „нарушување на сексуалната ориентација“. Имаше, а мислам дека сѐ уште има, многу дилеми, контроверзии, полемики и разни ставови за оваа појава, која се сретнува речиси исклучиво во хуманата популација. За чудо, ја нема во анималниот свет!

Исто така, добро е познато дека хомосексуалните мажи, во минатото, биле криминализирани и ставани во затвор или подложувани на аверзивно лекување во психијатриски установи (Дикенсон, 2013).
Од друга страна, класната припадност на овие субјекти не била многу позната, ниту истражувана. Според Крис Вотерс (2017), мажите што припаѓале на средната класа почесто биле подложувани на аверзивно лекување, како поблага опција отколку што е ставањето во затвор. Затворот, како алтернативен третман, бил користен повеќе за подолните социјални слоеви од општеството. Ова се историски податоци, за кои денес малку се знае.

Сепак, вниманието ќе го задржам на она што се случувало во Англија со жените што пројавувале истополова ориентација во периодот 1950-1970. Тие, без никакво судење, биле ставани на психијатриски третман, слично како што биле третирани и мажите. Женската хомосексуалност во Англија не била криминализирана, но сепак, како и машката, таа официјално била класифицирана како ментална болест (сексуална девијација).

За да се дојде до што поверодостојни податоци за оваа тема, барано е низ базите на податоци и низ архивите на Англија, а под клучните зборови лезбејки, хомосексуалци, бисексуалци, трансродови. Општа забелешка е дека многу малку психијатри и психолози публикувале статии околу оваа тема. Може да се забележат доста различни, понекогаш компетитивни теории, околу хомосексуалноста, како и резултати од „успешни“ третмани што тие ги користеле, а базирани на нивните сопствени теории. Сепак, не е сосема јасно, колку ваквите теории влијаеле на актуелната практика. Од она што може да се најде низ архивите во Англија, убедлив е податокот дека женската хомосексуалност се третирала различно и покомплексно отколку онаа кај мажите. Со оглед на тоа дека немало консензус околу женската хомосексуалност, професионалните ставови и практики многу варираат. Жените многу повеќе од мажите биле третирани како ментално болни и ставани во душевни болници.

Лезбејките во зависност од тоа на која класа ѝ припаѓаат, кое им е едукациското ниво и во зависност од клиничката практика што постоела во одредениот регион на земјата, а особено од индивидуалниот став на лекарот, биле различно третирани. Практично, во Англија постоеле дисциплини во областа на менталното здравје што биле посветени на третманот на истополово ориентираните жени, било за да ги променат, или таа ориентација да се прифати и тие да се помират со нивната сексуална ориентација. Тоа се однесува на ставовите на многу психолози, психијатри и психотерапевти. Изгледа дека жените, особено во милитарните служби, кога биле откриени, сепак не биле принудувани на третман. Очигледно е дека оние жени што им припаѓале на повисоките слоеви и кои биле пообразовани почесто самите барале помош од доктори или психијатри, зашто повеќе верувале на медицинска експертиза. Некои од нив само барале објаснување на својот проблем, додека други барале да станат „нормални“ и да ја надминат хомосексуалната тенденција, зашто чувствувале силна вина или срам. Ваквите жени кога ќе се јавеле во здравствена установа биле во состојба на дистрес и безнадежност, зашто задушувани од сопствената сексуална ориентација чувствувале изолација и социјална осуда.

Од архивите достапни за анализа може да се сретнат како позитивни така и негативни ставови во психијатриската практика. Некои професионалци биле на ставот дека лезбејската сексуална желба треба да се лекува, дека таа претставува „сексуална невроза“ и е слична како другите неврози, така што е неопходна психотерапија. Од податоците на болницата „Модзли“ во Лондон, во средината на 1970 год., се гледа дека мал број жени биле лекувани поради сексуална девијација, како нивна примарна дијагноза. Сепак, не е познато колку од нив добивале аверзивна терапија, додека за машките хомосексуалци тоа е сосема јасно. Токму поради тоа, започнува познатиот „Фронт на активизам за делиберација на хомосексуалците“ во 1972 година.
Многу малку податоци постојат за примената на електрошок-терапијата или за давање хемиски еметици (средства за провокација на повраќање) на ваквите жени. Иако извештаите од третманот биле означувани како успешни, самите пациентки опишуваат дека се чувствувале ужасно со месеци и дека иако привремено престанале да бидат привлекувани од жени, никогаш не почувствувале интерес за машкиот пол. Постојат и ретки случаи на самоубиства по вакви третмани. Зачудувачки е што се наоѓаат неколку случаи на третирани со ЛСД во периодот 1950-1960, а со цел надминување на хомосексуалноста. Ваквите случаи се регистрирани како експериментални во болниците на Њукасл, Лондон и Лејчестер. Други случаи биле третирани со инсулинска терапија, која ги воведувала во хипогликемиска кома, а дури се регистрирани и обиди за психохирургија.

Сепак, може да се најдат и примери каде што некои од здравствените работници ги поддржувале жените да ја прифатат својата сексуална ориентација, повеќе одошто да ја променат. Во таа смисла, запишано е дека една жена-психијатар ѝ вели на жена-пациент: „Вие мора да запомнете дека тоа е природно за вас, исто како луѓето што се левораки, вие сте сексуално левораки!“ Истовремено, постоеле случаи кога жените биле поддржувани да формираат сопствени здруженија или да формираат еднополови двојки. Постоеле лезбејски организации (на пример „Истражувачка група на малцинства“) што ги пласирале наодите од психијатри, социјални работници и сл., во кои се тврдело дека лезбејките се психолошки нормални лица. Речиси е невозможно да се најдат точни податоци низ архивите за тоа колку жени биле третирани за својата хомосексуална ориентација. Најверојатно е дека огромен број од нив воопшто не побарал никаква лекарска или психолошка помош.

Ова историско пребарување е во име на расветлување на ваквите експериментални третмани. Тие биле прифатени не само во Англија туку и во САД. Ефектите многу често биле долгорочни, па затоа многу од хомосексуално ориентираните луѓе имале голем страв од ментални институции. Сепак, поврзаноста помеѓу психијатријата, полот и сексуалната ориентација е многу покомплексна одошто која било друга појава во историјата на медицината. Минатата година во Кралскиот колеџ за психијатрија во Лондон имаше едно јавно извинување за ваквите експериментални третмани. Иако хомосексуалноста денес е прифатена како состојба, останува дискутабилно што е во суштината на нејзината појава (гените или околинското влијание). Имаше обиди во невронауката да се најдат некои специфичности при снимањата со функционална магнетна резонанса, со квантитативно ЕЕГ и др. невроимиџинг-техники, но нема некој поубедлив и специфичен наод. Останува дека индивидуалниот став е најбитен, што не значи ниту оправдување, но ниту какви било стигматизирања или посериозни казнувања на овие луѓе. Културата, религијата, социјалните ставови и економијата остануваат најбитни фактори што одлучуваат каков ќе биде ставот кон оваа појава во хуманиот род.