Скопје – ново име за надворешна употреба?

Замислете која иронија и парадокс – двојната формула на која цело време инсистиравме како држава за можно решение на спорот со Грција и која никогаш не беше прифатена, сега на мала врата се поттурнува на сцена, и тоа откако и официјално го променивме нашето уставно име. Се плашам дека сега може да се случи за по дома да бидеме со променето име, односно Северна Македонија, додека надвор да нѐ ословуваат како Скопје. Да ни се наметне двојна формула, за внатрешна употреба Северна Македонија за надворешна употреба Скопје. Впрочем, Грција долги години нѐ ословуваше единствено како скопјанос, а сега и НАТО на официјална церемонија на потпишување на Протоколот нѐ запиша како Скопје. Кој гарантира дека ваквиот инцидент нема да се повтори и во други пригоди и по некое време дури да стане и правило

Ако по утрото денот се познава, пред нас е неизвесен и доста турбулентен период на домашен и на меѓународен план. А денот што многумина однапред го прогласија за историски се покажа, во најмала рака, како искривено огледало, каде што одразот не соодветствува со ликот во огледалото. Со сета почит на заложбите на Македонија за членство во Северноатлантската алијанса, еден „мал детаљ“ фрли темна дамка на свеченоста по повод почетокот на нашето приклучување кон НАТО.

Но да тргнеме од почеток. Први што потфрлија беа редица домашни медиуми и сајтови, кои понесени од еуфоријата објавија во суштина лажна вест, дека Македонија конечно влегла во НАТО. Вистината, пак, е сосема поинаква и потпишувањето на протоколот не значи и наше полноправно членство во Алијансата. Македонија ќе добие столче на масата на Алијансата, но нема да има право на глас сѐ додека сите земји-членки не го ратификуваат протоколот, што е процес што ќе потрае и повеќе од една година. За целиот тој период ќе бидеме само потенцијална, но не и полноправна членка, што секако прави разлика во секој поглед. И суштински и технички. Но она што веројатно многу повеќе загрижува е продолжението на играта со именувањето, означувањето и симболите на државата.

Ако некој сака да биде зајадлив и ироничен, со право може да се запраша кој всушност неделава зачекори во НАТО. Како се вика таа земја и кој јазик го говори? Токму овие суштински податоци ги немаше на сајтот на Алијансата додека траеше церемонијата на потпишување на протоколот. Наместо тоа, се оперираше со терминот поканета земја, како што нѐ ословија за време на церемонијата (без да се прецизира која), па потоа се спомена Скопје, веројатно како престолнина на поканетата земја, за која, патем, не беше означено ниту која е ниту на кој јазик се зборува.

Несфатливо, но церемонијата на потпишување на протоколот на официјалниот сајт на НАТО, а и потоа во изјавите на одредени политичари и дипломати, беше проследена токму со овие куриозитети и нејаснотии. Подоцна, сепак, неофицијално се дозна дека токму Грција извршила силен притисок да се избрише македонскиот јазик од сајтот на НАТО и, наместо тоа, да стои само знамето на државата.

Но последниот случај во Брисел, колку и да се сака да се минимизира и да се прикаже како ненамерен технички пропуст или нешто трето, сепак навестува и една друга крајност. А тоа е официјализирањето на Скопје како можно ново име за надворешна употреба. Замислете каква иронија и парадокс – двојната формула на која цело време инсистиравме како држава за можно решение на спорот со Грција и која никогаш не беше прифатена, сега на мала врата се поттурнува на сцена, и тоа откако и официјално го променивме нашето уставно име. Се плашам дека сега може да се случи за по дома да бидеме со променето име односно Северна Македонија, додека надвор да нѐ ословуваат како Скопје. Да ни се наметне двојна формула, за внатрешна употреба Северна Македонија, за надворешна употреба Скопје. Впрочем, Грција долги години нѐ ословуваше единствено како скопјанос, а сега и НАТО на официјална церемонија на потпишување на протоколот нѐ запиша како Скопје. Кој гарантира дека ваквиот инцидент нема да се повтори и во други пригоди и по некое време дури да стане и правило. Па, така, во согласност со Преспанскиот договор, Северна Македонија ќе ни остане за домашна употреба, надвор ќе нѐ ословуваат како Скопје, а Република Македонија ќе ни остане само во сеќавањата.

Според одредени најави и пишувања, токму денеска (петок 8 февруари) е последниот ден од официјалното именување на државата како Република Македонија. По ратификувањето на протоколот во Грција, името заминува во историјата. Сосема е можно прв да го официјализира тоа претседателот на Собранието, Талат Џафери, при распишувањето на претседателските избори. Тој впрочем се докажа како предвесник на сите крупни измени и новитети, почнувајќи од неговиот избор па до промовирање на законот за двојазичност на седницата за пратенички прашања минатата недела.
Изгледа дојде судниот ден за Република Македонија.

Така мислат политичарите, иако не сум сигурен дали истото тоа ќе го прифатат и граѓаните. Она што секако ќе остане горчлива реалност и длабока траума со која ќе мораме да се справуваме се разногласието и хаосот во именувањето и ословувањето на државата во иднина. Откако го изгубивме името и по тенденцијата да ни го избришат и јазикот, сега единствен знак на препознавање ни останува уште знамето. Она што го донесовме повторно под притисок и уцена на Грција. Како што тргнало, знамето може да се користи и како супституција за јазикот, па секаде каде што треба да стои „македонски јазик“ наједноставно е да се стави само знамето, како што направи нели НАТО деновиве. Од ден на ден, од месец на месец, јавноста, и домашна и странска, сѐ повеќе ќе се збунува и чуди.

На Евровизија ќе настапиме како БЈРМ, дома ќе ги менуваме ознаките и таблите и ќе поставуваме нови со Северна Македонија, одредени кругови во Грција и понатаму ќе нѐ ословуваат како скопјанос, во НАТО нема да фигурира македонскиот јазик сѐ додека целосно не се спроведе Преспанскиот договор (а тоа може да трае со години), за дијаспората и одредени домашни политички и општествени слоеви ќе останеме Република Македонија, трговските брендови и марки ќе се ребрендираат, медиумите можат во согласност со уредувачката политика да користат кое име сакаат итн.

Со други зборови, Македонија ќе стане уникатен пример на држава со најмногу имиња, називи, симболи и ознаки (за двојна, тројна или друга употреба), кои секој ќе ги користи како сака и по свое видување и потреба. Колку тоа е добро или лошо, за државата и граѓаните ќе покаже времето. Но едно е повеќе од сигурно, ако досега во светски рамки како мала држава беше тешко да нѐ распознаат кои сме и што сме, отсега ќе биде уште потешко, бидејќи ќе се создаде една тотална конфузија во секоја смисла на зборот.

За крај, уште една коинциденција поврзано со „историскиот ден“. Додека во Брисел се одвиваше церемонијата на потпишување на протоколот за зачленување на Македонија во НАТО, во исто време Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент побара претпристапните фондови ИПА 3 да можат да бидат суспендирани ако не се почитува владеењето на правото во земјите-кандидатки, меѓу кои спаѓа и Република Македонија. Колку да биде појасно, се работи за сума од 14,5 милијарди евра. Е па, на здравје.

Сега белки е појасно кои се приоритетите и на што треба да се фокусираме во иднина. Не толку поради пристапот до фондовите за ЕУ, кои и онака и досега слабо ги користевме, туку многу повеќе за самите нас. За конечно да сфатиме дека патот кон просперитет и благосостојба сепак мора самите да го расчистуваме.