Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонското образование има многу недостатоци и се потребни итни реформи за подобрување на квалитетот на образовниот процес. Меѓутоа секоја реформа треба да биде транспарентна, односно потребни се јасност и видливост на акциите, мерките и ефектите на самата реформа. Тоа беше и еден од фундаменталните принципи на работењето на власта, со што и во оваа сфера не треба да се заборава дека во рамките на реформскиот процес треба да се има поголема партиципација на сите чинители и засегнати страни, релаксација на дебатата, градење консензус, поддршка за реформите итн. Сепак, образованието е колосален општествен чинител и есенцијален градбен материјал за сегашноста и иднината на една нација и држава

Реформите во образованието како повод

Министерството за образование (МО) и Бирото за развој на образованието (БРО), со намера да го подобрат образовниот процес, иницираа нова програма за основното образование, но нивната заложба за подобро образование уште од самиот почеток се соочи со критики и контроверзии. Имено, образованието во Македонија има констатирано многу недостатоци и се потребни итни реформи за подобрување на квалитетот на образовниот процес. Меѓутоа, секоја идеја и концепт за реформа треба да бидат транспарентни, односно потребни се јасност и видливост на акциите, мерките и ефектите на самата реформа. Не треба да се заборави дека во рамките на еден реформски процес треба да се има поголема партиципација на сите чинители и засегнати страни, релаксација на дебатата, градење консензус, поддршка за реформите итн. И тука лежи еден од клучните проблеми со новата програма за основното образование – нетранспарентност на целиот проект. Токму затоа можеа да се прочитаат или слушнат обвинувања дека се погребува македонската историја, дека се крати образованието на новите генерации за да не мислат на македонската историја и јазик итн. Не може а да не се спомене индикативноста дека со изработката на новиот концепт на МО и БРО не се предвидело дека ќе се исполитизираат образовните реформи поради чувствителниот момент во кој живееме – негирање на македонскиот јазик и историја.

Фински, естонски и словенечки модел?

Министерката Мила Царовска и Министерството за образование неколкупати посочија дека новата концепција за основно образование се подготвува врз основа на образовните модели што функционираат во повеќе земји, меѓу кои Словенија, Естонија и Финска. Меѓутоа фактите говорат малку поинаку.
Според финскиот закон за основно образование, заеднички предмети за сите ученици, според наставниот план за основно образование, се: Мајчин јазик и литература: фински или шведски, Друг национален јазик: шведски или фински, Странски јазици, Животна средина, Здравствено образование, Религија или Етика, Историја, Социјални студии, Математика, Физика, Хемија, Биологија, Географија, Музика, Визуелни уметности, Занаети и Домашна економија. Исто така се вели дека покрај овие предмети, финските ученици можат да учат и други предмети соодветни за основното образование, во согласност со одредбите на локалната наставна програма. Овие предмети може да бидат делумно или целосно опционални за учениците.
Задолжителни предмети во естонската национална наставна програма се: Естонски (руски или друг наставен јазик), Литература, Естонски како втор јазик, Странски јазици, Математика, Природни науки, Географија, Биологија, Хемија, Физика, Историја, Здравствено образование, Граѓанско образование и едукација за граѓанство, Музика, Уметност, Физичко, Рачна обука, ракотворби и домашна економија, Технолошки студии и изборни предмети. Во согласност со естонската наставна програма, секоја фаза на студиите има одреден број лекции во една недела, кои се користат врз основа на одлука на училиштето, на пример настава по изборни предмети или обезбедување проширено изучување на задолжителен предмет со поголем број лекции.
Словенечката програма за основните училишта се состои од задолжителни и изборни предмети. Задолжителни предмети што се утврдени со словенечкиот закон за основните училишта се: Словенечки јазик, Италијански или Унгарски во етнички мешаните области, Странски јазик, Историја, Општествени науки, Географија, Патриотска и граѓанска култура и етика, Математика, Природни науки, Животна средина, Техничко образование, Хемија, Биологија, Физика, Визуелни уметности, Музичка уметност, Спорт, Технологија и Домашна економија.

Општествена или хуманистичка наука?

Друга противречност на новата концепција за основното образование е намерата предметот Историја да се интегрира со Географија и Граѓанско образование како задолжителен предмет, со наслов Општествени науки. Меѓутоа, историјата е хуманистичка наука, која се занимава со проучување и разбирање на човечкиот свет, таа може да се вброи со филозофијата, социологијата, психологијата, антропологијата, фолклористиката и сл., но не и во географијата, која има свои особености. Историјата понекогаш се вбројува меѓу општествените науки, но тоа се ретки исклучоци.
Не треба да се заборави дека историјата вклучува и академска дисциплина. Не случајно професорот Ричард Еванс вели дека историјата користи наратив за да опише, испита, праша и анализира низа минати настани и да ги испита обрасците на причината и последиците што се поврзани со нив. Следствено, сите искажувања дека историјата е фактографска наука немаат основа.

Во ситуација кога македонската национална историја, настани и личности се оспорувани, присвојувани, најбезобразно грабнувани, ретуширани или целосно негирани, никако не би требало да се дозволи намалување на обемот на предметот Историја, редуцирање на изучувањето на настаните и личностите од националната историја и нивно генерализирање (обопштување) и претопување во некакви заеднички или европски истории, кратење на наставниот материјал и учебници по историја или намалување на обемот на часови и настава, а со тоа и на фондот на часови на наставниците и професорите по историја. Во ситуација на постоење повеќегодишна конјунктура за „кражба на нашата национална историја“ од страна на соседите, најмалку е потребно самите да ја кратиме, а со тоа и ревидираме нашата историја, бидејќи тоа би имало далекосежни последици за нацијата, колективната меморија и корени од каде што растат новите фиданки на македонизмот.