Има, така, денови во кои една тема, една мелодија, цел ден ја слушам. Ми плови во мислите, ме разгалува, ме носи во некоја друга димензија. Денес тоа е љубовната тема од филмот „Синема парадизо“ на Џузепе Торнаторе, снимен во 1988 година.

Дејството на филмот се одвива во едно мало сицилиско селце, пусто и разорено од војната. Големиот филмаџија Салваторе ди Вита се враќа во родниот крај, за да присуствува на погребот на стариот пријател и учител за животот и филмот, и се потсетува на детството и на своите почетоци. Наеднаш тој повторно е Тото, малото љубопитно детенце со очи-жарчиња, кое длабоко се поврзува со сопственикот на киното „Парадизо“ и постојано е околу него за време на проекциите. Се вљубува во филмската магија, со занесен детски жар впива и учи сѐ што може да научи за филмската уметност, сочувствува со судбините на ликовите на платното, расте заедно со филмовите. Кога ќе порасне, го презема киното и ја продолжува мисијата на својот неофицијален учител. Со прекрасната Елена ги исполнува своите соништа за идеалната, филмска, љубов.

Филмот е добитник на многубројни престижни награди: „оскар“ и „златен глобус“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, повеќе награди во различни категории на БАФТА, а меѓу нив почесно место има наградата за најдобра музика на Енио Мориконе. Ниеден филм, ни најдобриот, не е целосен без музика. Енио Мориконе, докажаниот мајстор на филмската музика, во овој филм го покажал најдоброто од себе. Филмот е горчливо-сладок и генијално направен, таква е и музиката – радосните сцени ги прави порадосни, трагичните потрагични, љубовните ги овенчува со нескротена нежност и страст. Обвиткан во наметката на чувствата, филмот заедно со музиката создава вулкан од емоции.

Љубовната тема особено ја сакам, во сите изведби и преработки. Сепак, најубава е кога ја свири најдобриот виолинист на денешницата, мојот омилен Исак Перлман. Виолината плаче и ме расплакува и мене.

Лада Шоптрајанова Петровска