Како плод на повеќегодишната ракометна експанзија во државава, Агенцијата за млади и спорт (АМС), како вистински закрилник на македонскиот спорт, минатата година го почна проектот за субвенционирање на ракометните тренери, кои почнаа дообука и ги усовршуваат своите знаења, на мастер-семинарот што се одржа во Хрватска. На почетокот на октомври годинава, предвидено е проширување на проектот, кој ќе ги опфати сите тренери во олимписките тимски и индивидуални спортови.

– Голема благодарност и за вистинско поздравување е проектот што го почна АМС, со кој нам, тренерите ќе ни се помага на патот кон нашето усовршување и наобразба, за уште повеќе да го унапредиме и да го подобриме квалитетот на македонскиот ракомет. Верувам дека ваквата поддршка и финансиска стимулација ќе продолжи и во иднина и дека секој тренер, кој ќе сака да ги прошири своите ракометни видици, ќе ја добие поддршката од АМС и од Здружението на тренери на Македонија – вели селекторот на женската ракометна репрезентација Симе Симовски, кој е дел од првата група тренери чие усовршување започна под капата на АМС.

Осум македонски тренери се дел од првата поголема група тренери, кои почнаа со слушање на меѓународните семинари за добивање лиценца „мастер коуч“, највисокиот степен на тренерска лиценца според Европската ракометна федерација (ЕХФ). Тоа се Симе Симовски, Аце Станковски, Александар Јовиќ, Александар Петровски, Никола Матлиески, Благоја Весиќ, Душко Кландев и Владимир Глигоров.

– Во време кога ракометот е спорт број еден во државата, а клубовите мака мачат со финансиско опстојување, од огромна помош за нас тренерите е проектот на АМС за финансиско помагање за дообразба и усовршување. Пред нас е последниот, трет дел од мастер-семинарот во Хрватска, кој треба да се одржи од 4 до 11 јуни и се надеваме дека со помошта на АМС успешно ќе ја завршиме нашата стручна наобразба – истакна тренерот на Металург, Александар Јовиќ, кој сезонава го заменува Лино Червар на клупата на македонскиот вицепрвак.
Досега само пет македонски тренери можат да се пофалат со лиценцата „мастер коуч“, а тоа се Данило Брестовац, Звонко Шундовски, Стевче Алушовски, Андон Бошковски и Борче Марковски.