Светските суперсили изминатиов период директно, преку своите медиуми, се обидуваат да ги пренесат своите политички пораки во регионот, но и на свој начин да ги претстават глобалните случувања на балканскиот медиумски пазар, кој има над 40 милиони луѓе лоцирани во десетина земји

Светските медиумски гиганти сѐ почесто отвораат или ги обновуваат своите локални сервиси на Балканот. Причината за тоа, велат некои од експертите, е што светските суперсили изминатиов период директно, преку своите медиуми, се обидуваат да ги пренесат своите политички пораки во регионот, но и да ги претстават глобалните случувања на свој начин, а дополнителен мотив за тоа е балканскиот медиумски пазар, кој има над 40 милиони луѓе лоцирани во десетина земји.

Според познавачите на случувањата, токму овие фактори придонесоа во изминатиов период на Балканот да функционираат регионалните сервиси на светските медиумски куќи како што се Си-ен-ен, Би-би-си, „Спутник“, „Русија денес“, „Дојче веле“, „Гласот на Америка“, Радио Слободна Европа, Фокс, Ал џезира… Американскиот магазин „Политико“, во една од своите анализи констатира дека Британија, по долги години пауза, повторно преку медиумите се впушта во трка за влијание на регионот, наведувајќи ја информацијата дека седум години по затворањето на бирото на српски јазик на Би-би-си, властите во Лондон во понеделникот одлучиле повторно да го заживеат сервисот во Белград, надградувајќи го истиот тој со специјализирана веб-страница и објавувајќи дека е склучен договор за партнерства со некои од локалните медиуми.

– Овој чекор на Лондон е потег што има цел да влијае во тивката битка за влијание на Балканот. Сето се случува во Србија бидејќи земјата важи за локација каде што проруските медиуми лансираат новинарски приказни со лажни содржини, како на пример онаа на „Спутник“ во која се тврди дека НАТО планира воена вежба во Босна и Херцеговина при што ќе се користат гранати со осиромашен ураниум – пишува „Политико“. Американскиот медиум истакнува дека Би-би-си со своето дејствување ќе влијае врз локалните медиуми што немаат критички став врз власта на претседателот Александар Вучиќ, но и врз медиумските куќи на Русија, Кина, Турција и на државите од Блискиот Исток, кои веќе себеси се етаблирале во регионот.

– Враќањето на Би-би-си доаѓа во периодот во кој Западот повторно се фокусира на регионот и во моменти во кои ЕУ лансира нова стратегија за зачленување на земјите од Западен Балкан во Унијата – пишува магазинот. За потсетување, Москва пред три години во Белград отвори локално биро на новинската агенција „Спутник“. Главна уредничка на московскиот новински сервис за Балканот е Љубинка Миличиќ, која претходно била дописничка на српскиот неделник НИН и на весникот „Политика“ од Москва. „Спутник“, освен во Србија, активен е со свои претставништва во други 28 земји, каде што за секој јазик постои одделен информативен сајт што е придружен со радиопрограма. Медиумскиот центар во Белград вработува 30 лица што известуваат за случувањата во оваа земја и во регионот, а надворешната политика на медиумот е во согласност со надворешната политика на Русија.

Од друга страна, слично како рускиот медиум, и познатата американска телевизиска мрежа Си-ен-ен веќе неколку години емитува својата програма на Балканот преку ексклузивниот регионален партнер, телевизијата Н1. Во локалните медиуми беа објавени информации дека зад овој американски проект стојат поранешниот новинар на Си-ен-ен Брент Садлер, познатиот босански новинар Амир Зукиќ, кој е и актуелен главен уредник на агенцијата Анадолија за Балканот, хрватското новинарско перо Дубравко Мерлиќ, како и Југослав Ќосиќ од српската телевизија Б92, кој веќе го потврди преминувањето на новиот телевизиски канал. Американската телевизиска куќа веќе има свои студија во Белград, Сараево и во Загреб, а засега сѐ уште нема најави дали Н1 ќе отвори свое студио и во Скопје. Ова е втор голем договор на Си-ен-ен во регионот, откако во март 2014 година светската мрежа на идентичен начин започна соработка со Њуз 7 од Бугарија.

Инаку, вестите и информациите на Си-ен-ен можат да се следат на пет различни јазици во светот, а програмата е достапна во над 375 милиони дома. Освен американските и руските медиумски гиганти, веќе осум години тука е нивниот информациски ривал што доаѓа од Блискиот Исток, телевизијата Ал џезира. Минатата година катарската телевизија најави дека планира да ги мине границите на некогашна Југославија и да се шири на целиот Балкан. Центарот на сервисот е во Сараево, а тој се храни со информации што доаѓаат од помалите студија во Македонија, Хрватска и во Србија. Кога почнуваше со работа Ал џезира во Сараево ја купи пропаднатата сараевска телевизија НТВ 99 и врз тие темели го изгради денешното лице. Ал џезира е основана во 1996 година и се фокусира на Блискиот Исток и на просторот на арапското говорно подрачје, кое целосно го покри. Свесни за својот потенцијал, во 2003 година отвораат веб-страница на англиски, а по три години почна и програма на англиски, која се емитува од Доха, Куала Лумпур, Лондон и од Вашингтон. Во регионот дејствуваат и „Дојче веле“, Фокс, Радио Слободна Европа и „Гласот на Америка“, но тие функционираат поскромно, со помал број новинари.

Познавачите на состојбите велат дека нарушените односи помеѓу светските суперсили се одразуваат на медиумскиот простор на Балканот, а големите медиумски куќи отвораат свои претставништва во регионот заради сузбивање на пропагандата, водење на информациската војна и ширењето влијание. Александар Бечиќ, српски новинар и уредник на Колумниста.ком, вели дека мешавината на народите, што некогаш ги красеше просторите на бивша Југославија, е привлечна за разни активности за ширење на медиумското влијание.

– Со процесот на глобализација на општествата се стигна и до глобализација на медиумите – посочува Бечиќ, додавајќи оти е нормално што постои интерес кај странските медиуми за Балканот зашто овој регион им е од големо значење. За Бечиќ ваквиот тренд во најголема рака им е од корист на регионалните новинари, бидејќи на таков начин растат нивната цена и побарувачка за оваа професија. Од друга страна, тој истакнува дека огромните медиумски куќи пазарно не зависат од регионот и тие би можеле негативно да влијаат врз локалните медиуми, па дури и да претставуваат нелојална конкуренција.

Тој потсетува дека светски познатите медиумски куќи некогаш од студија оддалечени илјадници километри известуваа за случувањата во регионов и во светот, но денес тоа го прават директно од местото на геополитичките превирањата какво што очигледно е и Балканот. И Хасан Хаидар Даиб, кој е уредник во хрватскиот весник „Вечерњи лист“, се согласува со констатацијата дека медиумскиот простор на Балканот е од големо значење за светската политика, а тоа се препознава најмногу во отворањата на балканските сервиси на големите светски куќи. Тој, сепак, предупредува дека населението во регионот треба да биде внимателно во односот кон странските медиуми и на информациите што тие ги публикуваат и емитуваат. 

Фото: Дарко Андоновски15