Кога работам со неизмерна страст, вистинските луѓе некако успеваат да ме пронајдат, запознаат и да ми се придружат. Тоа е еден од најскапоцените подароци што ми ги доделува животот, вели Давид Димовски

Музичарот Давид Димовски (27) публиката го запозна преку проектот „Orpheus“, неговата прва поголема музичка авантура, спој на прогресив-рок и ирска народна музика, каде што се наметна со својата оригиналност. Следуваа голем број настапи и концерти и обид за пробив на меѓународната сцена. Во 2017 г. Давид почнува да работи на нов материјал, под псевдонимот „Д три оф ас“, ново возбудливо аудиовизуелно искуство. Резултат на неговата трансформација како креативец и музичар е албумот составен од 12 песни, во чија реализација учествуваа повеќе од 20 негови соработници и пријатели. Материјалот е снимен во неколку студија, а првиот сингл „Dropout“ наиде на интерес во јавноста.

Се надевавте ли на ваква медиумска покриеност по објавата на вашиот најнов музички проект?
– Одамна сфатив дека патот од идеите кон реализацијата е поплочен исклучиво со макотрпна работа и посветеност. Како на креативен така и на промотивен план, неопходни се нескршлива упорност и целосна истрајност. Во оваа пригода таа се отслика врз една извонредна соработка и прием од публиката и медиумите. Пријатно изненадување е и вистински ми значи што со толкав интерес и внимание јавноста го проследува моето ново творештво.

Секој артист се труди да биде различен, вам тоа ви успеа уште со проектот „Орфеус“. Дали чувствувате дека сте на вистинскиот пат?
– Единствената константа е тоа дека секогаш сѐ ќе продолжи да се менува. Земајќи го предвид ова, чувствувам дека се движам во вистинската насока сѐ додека творам искрено.

Песната „Dropout“ ни ја претставивте со одличен спот, чија естетика и луцидност никого не остават рамнодушен. Кој е главниот виновник за тоа?
– Основната идеја дојде во текот на неколкудневна полемика, додека подготовката и реализацијата траеја многу подолго. Навистина ова е сериозен проект, за кој ни беа потребни цели три месеци. Но кога работам со неизмерна страст, вистинските луѓе некако успеваат да ме пронајдат, запознаат и да ми се придружат. Тоа е еден од најскапоцените подароци што ми ги доделува животот. „Артистик продакшн“ беа и продолжуваат да се една таква продукција и екипа на луѓе.

Албумот е сниман низ целиот свет. Дали тоа му даде една космополитска жичка?
– Дефинитивно инвестирав сѐ од себе за музиката да звучи достојно на инспирацијата од каде што произлезе. Станува збор за процес што ме обзема и ми одзема една и пол година да го реализирам. За време на овој процес имав можност да работам со прекрасни луѓе, кон кои чувствувам неопислива почит и благодарност.
Сето ова ме направи да станам верзијата од човекот и музичарот што сум денес. Ова патешествие несомнено се отслика и врз самата музика и нејзиниот стил. Во меѓувреме, би ги охрабрил нашите слушатели и симпатизери да останат во тек со сето она што го правиме и да очекуваат вистински изненадувања и незаборавни концерти во многу скоро време, бидејќи кон тоа целиме.

Искреноста и посветеноста, упорноста, заедно со дарбата и креативноста, се вратите што водат кон успехот. Што уште би додале?
– Среќа и наивност, спарена со повремена тврдоглавост. Како дете мислев дека доколку отворам прозорец или врата додека свирам, некој ќе ме чуе и ќе дојде да ме земе и однесе таму кај што сакам да бидам. Сѐ уште во приватно издание кога свирам ги оставам вратата или прозорецот отворени, само што веројатно почнувам да сфаќам дека човекот што треба да дојде и да го земе детето што свири е всушност возрасниот јас.