Додека речиси две децении се чека на реализирање на иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк, еколозите бараат решение

Платформата „Пријателите на Шара“ и Македонското еколошко друштво, лобисти за прогласување на Шар Планина за национален парк, со серија трибини ќе собираат информации за да изработат документ под име „Заедничка визија за Шар Планина“, како и да формираат советодавно тело, кое ќе има голема улога на заштитата и развојот на природата. Идејата се реализира со трибини во тетовско-гостиварскиот регион, на кои свои ставови и мислења даваат луѓе што со својата работа се поврзани со Шар Планина, како претставници на општините, граѓански здружениja, собирачи на шумски плодови, сточари, ловџии, планинари, угостители…

– Клучните чинители од овие општини сакаме да ни кажат како сакаат да ја видат планината за 20 години отсега, со што и на кој начин да се развива Шар Планина, а не само да зборуваме за проблемите што се случуваат на терен, а ги има многу. Серијата трибини за иднината на Шара започнаа во март во Гостивар. Продолжуваме во општината Јегуновце, а потоа во Тетово, Врапчиште, Теарце и во Боговиње – изјави Фросина Пандурска-Драмиќанин од Македонското еколошко друштво. Речиси две децении се чека на реализирање и законска процедура на иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк. Еколозите се надеваат дека целосната документација со студија за валоризација на природните ресурси за да се креира закон ќе бидат готови за две години, по што на потег ќе бидат Владата и Собранието. Бенефициите, велат тие, ќе бидат огромни.

– Целта е да се видат ставовите со кои клучните чинители ќе учествуваат во советодавното тело за Шар Планина. Ќе имаат единствена цел да алармираат, советуваат и да пренесуваат информации од најниско ниво до институциите што се одговорни за управување со ресурсите на Шар Планина и за крајно лобирање Шар Планина да стане национален парк – рече Пандурска-Драмиќанин Трибината во која беа вклучени засегнатите страни за општината Јегуновце се одржа во селото Беловиште, едно од дестинациите на Шар Планина погодни за планинско-рурален туризам. А.С.