Сенегал ќе биде домаќин на следните, 4. Летни младински олимписки игри (ЛМОИ) во 2022 година, соопшти Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на состанокот во Буенос Аирес, Аргентина, каде што деновиве (до 18 октомври) се одржуваат третите ЛМОИ.

Сенегал ќе биде првата африканска земја каде што ќе се одржуваат ЛМОИ, а градови-домаќини ќе бидат престолнината Дакар, новиот град во близината на Дакар, Дијамниадио, и приморскиот град Сали, каде што ќе се гради нов Олимписки стадион со капацитет од 50.000 седишта. ИОК објави дека ЛМОИ 2022 ќе се одржат во мај или во јуни. Покрај Сенегал, кандидати за организација беа Нигерија, Тунис и Боцвана.

Првите ЛМОИ се одржаа во Сингапур во 2010 година, а вторите во Кина во 2014 година. Покрај летни, се одржуваат и зимски младински олимписки игри (ЗМОИ). На првите, во 2012-та, домаќин беше австриски Инсбрук, на вторите во 2016-та норвешки Лилехамер, а третите, во 2020-та, треба да се одржат во Лозана, Швајцарија.