Фото: Игор Бансколиев

Во телефонот и низ лаптопот веќе имам една-две листи со идеи за приказни што би било убаво некогаш да ги напишам, како надоврзување на серијалот, вели Васко Марковски

Старите скопјани за предземјотресно Скопје велат дека луѓето биле неговата душа. Но книгата „Урбани легенди“ на Васко Марковски е доказ дека секоја генерација има свои херои, кои се белег на едно време. Во книгата можат да се прочитаат емотивни стории за: Ацо Црногорецот, Аријан Дема, Владимир Петровски Картер, Роки, Јаков Дренковски, Реџо Пампур, Деко, Џери, Гранит, Панде, Кљок, Алфонсо… Во неа има и приказни за некои култни места, оживеани спомени за локации што се дел од многу младости. Меѓу коментарите за оваа хроника има и таков што вели дека „Урбани легенди“ е дело за алхемијата на социјалниот живот на едно време. А ако сакате да ја купите или да ја подарите, можете да ја најдете во книжарниците во Скопје и во другите градови во земјава.

Дали сега, кога вашата книга е отпечатена, кога времето и личностите се заробени во неа и зачувани од заборавот, имате чувство дека сте извршиле една мисија, оти сте им се оддолжиле на драги луѓе, кои, несомнено, заслужиле да се најдат меѓу урбаните легенди?
– Лично чувствувам еден вид растоварување. Ракописот за книгата донекаде ми тежеше со години како незавршена работа. Приказните беа напишани и првично објавени во неделниот весник „Форум“, но ја чувствував како товар последната фаза од нивниот потенцијал – да ги соберам во формат што ќе им биде поедноставно достапен на нашите современици, кои се директни сведоци на нештата, луѓето и местата од времињата што се опфатени, но да им бидат достапни и на идните генерации, меѓу кои, верувам, ќе има љубопитни за тоа што се случувало во младоста на нивните родители, во претходните децении на градовите со кои се идентификуваат.

Какви се реакциите по промоцијата на книгата, по враќањето во времето, во едно поурбано, поживо, поинтелектуално Скопје, неоптоварено со дневна политика, загадување, немаштија…?
– Склони сме да гледаме на претходните времиња како на поубави, но се обидувам да се прекорувам себеси секогаш кога ќе се чујам дека го изустувам таквиот заклучок. Верувам дека и денешните времиња се убави како и времињата на претходните децении, во кои сме биле соучесници во градењето на колективната меморија. Предизвикот за секого од нас, сам со себе, е да го најдеме начинот да се вратиме таму каде што ни било проврено подметнувањето – да станеме преокупирани со дневната политика, исполитизирани и исполаризирани. Ме радуваат реакциите. Допираат и до мене многубројни впечатоци – од луѓе што ги познавам, но и од многумина што не ги познавам. Ме радува што книгата стекнува читатели и пошироко од тоа што очекував и особено ме радува што најголемиот дел од нив ја сфаќа комплексноста на предизвикот, го препознава и го цени трудот што е вложен.

Како истражувач, новинар, креативец, вљубеник во животот и во уметноста, кој дел од процесот на создавање ви беше најубав? Дали можеби тоа беше мигот кога наоѓавте интересни детали за луѓето за кои пишувавте, средбите со нив или, генерално, целото патување до целта?
– Секоја фаза си носеше различни нијанси на радост. Погледнато со дистанца од осум-девет години, мислам дека најубавите моменти беа интервјуата – предизвикот да ги расприкажеш соговорниците, на кои до пред тоа можеби и ти било незгодно да им кажеш повеќе од збор-два од поздрав кога ќе се сретнете на улица. Покрај разговорите со портретираните личности, и разговорите со други градски фаци што добро ги познаваат и поминале многу години од животот со нив или во некаква релација со местата што се портретирани. Период во кој стекнав многу нови драгоцени пријателства.

Ќе споделите ли со нас некоја интересна случка што сте ја доживеале додека ја правевте серијата написи?
– Откако го имав како соговорник во приказната за Миле и Драги, сопствениците на денешните кафулиња „Браво“, мало и големо, и на некогашните „Пони“ и „Моџо“, наумив да напишам приказна за Иво Блузмен, легендарниот скопски лик од некогашните хипи-времиња до денес, кој на многумина им е познат како еден од препознатливите редовни ликови во „Ван Гог“ или во „Браво“, малото. Му подреков, ми одговори со неколку кратки реченици – сфатив дека ќе оди тешко работата. Но нема откажување. Решив да го фатам од многу страни – лобирање. Другари, луѓе што му се блиски, двете ќерки.. Сите велат: „Да, Иво мора да го имаш“. По недела-две загревање на климата – договорено. Приказната најавена на редакциски колегиум за следниот број на „Форум“. Со Иво договорено во „Браво“, големото, петок, 12 ч. Нема проблем. И, одиме таму, Иво нè чека. Ај да почнеме: „Да вклучувам диктафон?“ Иво вели: „Чекај. Да ти кажам нешто“. „Што да ми кажеш?“ Вели: „Пријатели сме, сè, ама јас – не можам“. Е, така. Ама, не се откажувам.

Освен сториите за интересни личности, има и приказни за култни места. Имам впечаток дека се направени филигрански и оти вистински сте уживале во пишувањето. Дали сум во право?
– Убави зборови, благодарам. Предизвикот е исто толку голем и кога се обидуваш да напишеш приказна за местата што ни биле важни и драги низ животот.
Се согласувам. Веројатно е тоа најсилниот мотор што ме движи додека пишувам – да уживам во пишувањето. Свесноста дека правиш нешто за места за кои би сакале да остават трага зад себе многумина од луѓето со кои сте поминале убаво време во нив, донекаде на тоа и нѐ обврзува, да бидеме посветени, чесни и да ја пронајдеме најчистата љубов во тоа, штом веќе сме се нафатиле на предизвикот.

Според Данило Коцевски, книгата е збогатување на нашата хроничарска литература. Овој жанр е привлечен токму поради тоа што е жив, динамичен, открива многу тајни и е одраз на пулсот на едно време, чиј дел сме и ние, неговите читатели. Дали ќе му останете верен и во иднина?
– Предизвикот е постојано тука, низ бележниците повремено се среќаваме со разни белешки што провоцираат. Би сакал. Да сме здрави и живи! Во моментов најголем предизвик ми е работењето како туристички водич. Секојдневно водам една, понекогаш и две тури со групи посетители низ Скопје. Чувството е како конечно да си го најдов мегданот каде што ќе можам да ги користам и да ги надградувам разните полиња на љубопитност и креативност во кои наоѓам возбуда низ годиниве.
Во телефонот и низ лаптопот веќе имам една-две листи со идеи за приказни што би било убаво некогаш да ги напишам, како надоврзување на серијалот, но засега немам идеја како повторно да се впрегнам во таква редовна продукциска дисциплина.

Секако, едно вакво дело се подготвува тимски, без брзање, со многу љубов. Од кого имавте најголема поддршка и поткрепа да истраете?
– За создавањето на серијалот благодарен сум на листа од вкупно 181 личност, кои, секој на свој начин, учествуваа во создавањето на приказните – како дел од редакцијата на „Форум“, како портретирани личности, соговорници и луѓе што помогнаа да најдам соговорници и за приказни кога сметав дека тоа ќе биде невозможно. Слава на Бога! За книгата особено сум им благодарен на поетот Ѓоко Здравески и на издавачката куќа, „Бегемот“. Секако, на Данило Коцевски и на Александра Јуруковска за предговорот и за биографскиот поговор со кои ме почестија. И, не помалку, на семејството и блиските.