Фото: Игор Бансколиев

Од загадувањето страдаат сите, без исклучок, но најмногу хроничните болни што имаат проблеми со респираторниот систем, односно астматичарите, оние со хроничен бронхитис, со проблеми на кардиоваскуларниот систем, каде што се јавува нарушување на крвниот притисок и на срцевиот ритам, како и разни видови вртоглавици, а особено мали деца и трудници, вели доктор Ѓорги Карамановски, шеф на смена при службата на итната медицинска помош

Дали е нормално ова што се прави? Надвор не се дише! Седиме затворени дома во четири ѕида, затоа што надвор буквално е отров! Дали надлежните се свесни дека луѓето умираат? Дали се свесни дека моето дете, на неполни четири години стана хронично заболено и е отруено со кортикостероиди за да може да дише? Дали сте свесни колку болни деца има со белодробни заболувања? Ова е само мал дел од револтот на родителите што секојдневно ги преплавува социјалните мрежи. Марија е мајка на Стефан, која само до пред два дена лежела со своето дете во „Козле“, поради тоа што тоа не можело да дише. Видно револтирана вели дека надлежните мора да почнат да ги решаваат реалните проблеми на граѓаните.

– Во „Козле“ лежеа околу 60 дечиња, сите со белодробни заболувања. Само што нѐ пуштија нас дома, за нецели десет минути местото беше пополнето. Се чека редица за лежење во болницата. Најтрагично е што сега, бидејќи е под терапија, син ми е добро. За еден месец повторно ќе ја пееме истата песна. Повторно ќе биде под агресивна терапија за да ги намалат опструкциите на белите дробови, за да може нормално да дише. Разочарана сум од властите, ова мора да запре сега и веднаш – вели таа.
Со овој проблем се соочуваат повеќето родители. Но од загадениот воздух не страдаат само децата.

Задушување, отежнато дишење, потреба за воздух, сува надразнителна кашлица, неможност целосно да се земе воздух, поретко свирење во градите, тешки астматични напади се само мал дел од симптомите што ги чувствуваат граѓаните како последица на загадениот воздух. Оние граѓани, пак, што имаат здравствен проблем со циркуларниот систем, покрај оваа симптоматологија, се соочуваат со вртоглавици, несвестици, нагони за повраќање…

– Од загадувањето страдаат сите, без исклучок, но најмногу хроничните болни што имаат проблеми со респираторниот систем, односно астматичарите, оние со хроничен бронхитис, со проблеми на кардиоваскуларниот систем, каде што се јавува нарушување на крвниот притисок и на срцевиот ритам, како и разни видови вртоглавици, а особено мали деца и трудници – вели доктор Ѓорги Карамановски, шеф на смена при службата на итната медицинска помош.

Според него, загадувањето на воздухот штетно влијае на здравјето на граѓаните. Воздухот што го дишеме е еден од најважните надворешни фактори што помагаат за зачувување и одржување на целосната здравствена состојба на пациентите. Чист воздух значи половина здравје за секој пациент.

Докторот вели дека загадувањето е глобален светски проблем и на него мора темелно и долгорочно да се пристапи и да се преземаат конкретни мерки што ќе придонесат за намалување на сите штетни последици што предизвикуваат во почетокот преодни, но многу често и трајни оштетувања на органите, кои на крајот многу тешко се лекуваат.
– Одговорните во тој ресор се свесни кои се најголемите загадувачи – фабрики, возила, греење на дрва, а и пошуменоста и местоположбата на средината се важни. Тие се должни да преземат конкретни мерки за да се намали загадувањето на воздухот, а со тоа се спречат или намалат многу заболувања на секој граѓанин, кој е основна клетка на општеството – вели Карамановски.

Тој им препорачува на граѓаните да не излегуваат во надворешна средина кога од медиумите имаат информации за енормна загаденост, да носат заштитни маски, шалови, хроничните болни редовна да си ја земаат терапијата и да не излегуваат надвор без поголема потреба. Особено треба да внимаваат малите деца и бремените жени, како посебна категорија граѓани.

Во последно време на социјалните мрежи на големо се дискутира за прочистувачи на воздух. Прочистувачи беа поставени и во голем број градинки, и тоа не само во метрополата.

Според Карамановски, употребата на прочистувачи на воздух во домашни услови е оправдана ако е во отежнати временски услови и според пропишаните критериуми од произведувачите.

– Но што ако дома дишеме прочистен воздух кога секое излегување во надворешна средина, каде што подолго престојуваме, го елиминира она што сме го зачувале дома – заклучува тој.

Аерозагадувањето е причина за смрт од мозочен или срцев удар, рак на бели дробови и хронични респираторни болести. Загадениот воздух е причина дури за седум милиони умирања секоја година, информираат од Светската здравствена организација.
Во 2016 година Светската банка објави дека аерозагадувањето во Македонија убива 1.350 луѓе годишно. Меѓу нив, како најосетлива група се децата, затоа што се во развој и побрзо дишат, па со тоа и побрзо ги внесуваат загадените материи.
Во 2015 година во земјава секое второ дете било лекувано од респираторни болести.

Светска банка во својата студија „Зелен раст“ процени дека земјава е на прво место на листата на изложеност на граѓаните на загаден воздух со цврсти честички, односно аерозагадувањето во Македонија годишно убива 1.350 лица. Во 2016 година, од Институтот за јавно здравје, од каде што правеа анализи врз база на меѓународни студии и во согласност со препораки на Светската здравствена организација, беше објавено дека аерозагадувањето е главен ризичен фактор за смрт кај 25 отсто од смртните случаи од срцеви и мозочни удари и кај 4,6 отсто од починатите пациенти од рак на бели дробови.


Ако Кина се избори со загадувањето на воздухот, можеме ли и ние?

Според Светската здравствена организација околу 12,6 милиони луѓе умираат од еколошки здравствени ризици годишно. Загадувањето на воздухот стана четврти највисок фактор на ризик за предвремени смртни случаи. Според тоа, загадување на воздухот претставува сериозен проблемот што не треба да се игнорира и со агресивни мерки можеби треба да се решава и кај нас, како во некои земји. Македонската влада на завчерашната седница донесе одлука да се обезбедат првични 98 милиони денари во буџетот за борба против аерозагадувањето. Кина е една од земјите што имаат голем проблем со аерозагадувањето. За справување со него, земјата воведе драконски мерки во 2013 година, збир на забрани што беа наведени во Националниот акциски план за загадување на воздухот. Се наметна национално ограничување на употребата на јаглен меѓу провинциите, така што Пекинг мораше да ја намали својата потрошувачка на јаглен за 50 отсто помеѓу 2013 и 2018 година. Овие мерки ги намалија нивоата на ПМ2,5 честичките во Пекинг за повеќе од една четвртина помеѓу 2012-2013 година. Беше создадена нова Агенција за заштита на животната средина, со зголемени овластувања за спроведување на мерките во Пекинг и неговата околина. Овие забрани беа толку ригорозни што во некои области беа принудени 4 милиони домаќинства наместо со јаглен да ги загреваат своите домови со електрична енергија или гас до 2017 година. Во спротивно властите го прекинуваа дотокот на јаглен. Невладината организација „Гринпис“ утврди дека концентрациите на ПM2,5 честиците беа за 54 отсто пониски во кинескиот главен град во текот на четвртиот квартал од 2017 година и дека во 26 поголеми градови во северна Кина беа една третина пониски. Во Пекинг просечната концентрација на ПM2,5 честиците беше намалена на 58 микрограми за кубен метар минатата година, иако тоа ниво е далеку од нивото од 10 микрограми препорачани од Светската здравствена организација. Сепак Кина го достигна планот за 2018 година и го намали загадувањето на воздухот за 50 отсто, а ќе го намалиме ли ние и како, е прашањето на кое уште се бара одговор.