СДСМ повторно ги повика раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, како што велат, да престанат да шират измислици и лажни вести и јасно да кажат дали се за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО.

– Изборот е јасен или ЕУ и НАТО или изолација. Врвот на ВМРО-ДПМНЕ треба да каже за што е. Ако се за ЕУ и за НАТО сега е моментот кога треба да престанат со лажни вести и со обидите да му обезбедат амнестија на Никола Груевски и да ги повикаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат волјата на граѓаните во Собранието. Оние пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои навистина сакаат да ја видат државата во ЕУ и во НАТО, мора да преземат обврска, мора да ги продолжат процесите во Собранието – соопштија од партијата.

Оттаму наведоа дека членството во НАТО и во ЕУ нема алтернатива.

– Над 600.000 граѓани упатија јасна порака дека се за иднина во ЕУ и во НАТО и сите мора да ја почитуваме нивната одлука. Но ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ако раководството на партијата и Мицкоски одбиваат да го сторат тоа, тогаш неминовни се предвремени парламентарни избори, организирани веднаш. Македонија ќе стане членка на НАТО, а потоа и на ЕУ. Мицкоски нема да ја спречи волјата на граѓаните, нема да ја закочи иднината на Македонија – додаваат од СДСМ.