Фото: Маја Јаневска-Илиева

На плоштадот „Македонија“ можеа да се забележат повеќе македонски, хрватски, словенечки и српски знамиња, како и националните обележја на Албанија, Бразил, Полска, Франција, Венецуела… Со еден збор, беа дојдени луѓе од целиот свет, соединети преку пораката на мир, пренесена од поглаварот на Римокатоличката црква

Меѓу илјадниците луѓе што присуствуваа на мисата на папата на плоштадот „Македонија“ имаше и голем број гости од странство што патувале илјадници километри за да пристигнат во нашата земја и да присуствуваат на овој историски настан. Екипа на нашиот весник успеа да стапи во контакт со неколкумина од нив, за меѓу другото да ги пренесеме и нивните впечатоци и очекувања.

– Овој ден од големо значење претставува порака на мир и на љубов. Тоа е благослов за државата – вели една постара госпоѓа што беше меѓу многубројните македонски граѓани и гости од странство што вчера ја проследија светата миса на плоштадот „Македонија“, со која чествуваше папата Франциск.

Доаѓањето на поглаварот на Римокатоличката црква во Скопје соедини луѓе од различни држави, националности, но и религии. На плоштадот „Македонија“ можеа да се забележат повеќе македонски, хрватски, словенечки и српски знамиња, како и националните обележја на Албанија, Бразил, Полска, Франција, Венецуела…

– Ние го следиме папата секаде каде што сме во можност да одиме. Патуваме во сопствена организација и јас веќе бев во околу 20 различни држави, следејќи ги посетите на папата Франциск, но и на неговиот претходник, папата Јован Павле Втори.

Патував во Германија, Шпанија, Италија, во Полска… Во Скопје е убаво, ова е убав настан, но во детали на организацијата се забележува дека станува збор за прва ваква посета во државата – кажа Ана од Сплит, која допатувала во Македонија заедно со своја пријателка.

Токму гостите од Хрватска и од Словенија беа најмногубројни меѓу странските посетители на мисата.

– Дојдени сме на плоштадот од шест часот изутрина. Ги следиме посетите на папата низ светот и патувањето од Словенија не претставува никаков проблем. Тука има стотина наши сограѓани. Јас претходно бев на вакви настани и во Шпанија, Полска и во Италија. Ми се допаѓа Скопје, како и самиот настан, и ова е уште една добра шанса да се види папата Франциск – истакна Јанез од Љубљана.

Историската посета на Светиот Отец има големо значење и за католичките верници од Македонија.

– Папата доаѓа во Македонија со порака што обединува, што треба да ги обедини сите религии. За мене како католик, оваа посета претставува личен благослов, но и благослов за народот и за земјата – порача верничка од Струмица.

Група момчиња со гитари изведуваа духовни песни, на кои им се придружија луѓе од различни возрасти, пеејќи и танцувајќи заедно, во пресрет на мисата. При доаѓањето на папата, кое присутните можеа да го следат и на видеобимот поставен на плоштадот, беше забележлива возбуда, особено на помладите, кои во брзање се обидуваа да дојдат што поблиску до заштитната ограда за да го поздрават и сликаат поглаварот на Римокатоличката црква. Папата Франциск беше поздравен со извиците „Вива, папа“, „Христос воскрес“, на што присутните одговараа со „Ваистину воскрес“ и „Бог те сака“. При почнувањето на богослужбата, џагорот стивна, верниците внимателно ја следеа проповедта, а некои од нив ги повторуваа зборовите. Мисата заврши со делење на светата причест.

– Јас сум од Маракаибо, Венецуела, но работам во католичка организација во Белград, па ја искористив оваа шанса да дојдам во Скопје за да го видам папата. Ова е првпат да присуствувам на негова богослужба. Ми се допаѓа градот, тука дојдов заедно со моето семејство – порача Венецуелецот, кој беше во придружба на сопругата и на нивната ќерка.

Посетата на папата Франциск на Македонија привлече голем интерес и од странските медиумски екипи, меѓу кои во Скопје беа агенциите „Ројтерс“ и Франс прес“, италијанската радиотелевизија „Раи“ и францускиот магазин „Гео“, но и редица други новинарски екипи од целиот свет.