Сајбер-синдромот му се заканува на светот

На остатокот од светот, кој навидум е на маргините на меѓусебната валкана игра на главните играчи САД и Русија, не му се пишува ништо поубава или подобра судбина, кога се во прашање последиците од сајбер-синдромот, тоа е најопасно средство за иднината на векот и светот отсега натаму

По појавата на првите афери во сферата на нелегалното следење и упаѓање и во најчувствителните и суптилни државни службени, но и приватни електронски комуникации и првите искуства со нивната меѓународна злоупотреба во сомнителни и недобронамерни, економски, политички, безбедносни и воени цели, светот неочекувано се соочи со една нова голема светска опасност, сајбер-војната. Овој вид војна се смета исто толку опасна, ако не и поопасна, и од нуклеарната војна, од која тешко може секоја земја, па и оние технички-технолошко најразвиените, да се спасат и да излезат без погубни последици. Повеќе од сигурно е дека веќе секоја идна војна нема да се води онака како што се водеа претходните: со топови, авиони и ракети, туку виртуелно со и преку компјутерските екрани.

Големите светски сили во минатото војуваа за сопствена превласт и доминација и за заштита на сопствените потреби, добра и интереси, и во најголем број случаи на крајот победуваа оние што ќе покажеа решавачка техничко-технолошка предност. Така ќе биде и во случајот со сајбер-војните на 21 век, кои на извесен начин веќе почнаа и се водат, на што со голема доза загриженост се осврнува и угледниот Џозеф Нaj од „Харвард“. Тоа на светот му стана јасно по обелоденувањето на фрапантните хакерски резултати на Асанж, Сноуден и Викиликс. По нивното појавување во јавноста, светот веќе не е оној како од порано. Целите и намерите можеби останаа исти, но се сменија начинот и методите што пред сѐ безбедносните служби на големите и богати земји почнаа да ги применуваат за да остварат предност и да ги елиминираат намерите на непријателот, практично со негови средства, со информации нелегално симнати и собрани од нивните „заштитени“ наводно непробојни фајлови и сајтови, користејќи ги притоа и индивидуалните хакерски услуги на поединци како претходно споменатите, но и на стотици други од сите земји и меридијани на светот.

Во фокусот на вниманието на светската јавност во последно време, па и на Нај, секако е сајбер-војната меѓу двете најголеми држави во светот САД и Руската Федерација, која се обвинува дека смислено ги „хакирала“ американските претседателски избори во 2016 година, влегувајќи во најтајните податоци на штабовите на претседателските кандидати Хилари Клинтон и Доналд Трамп, кој победи на изборите, како што тврдат и повеќе упатени извори, со помош токму на руското сајбер-инволвирање во овие последни американски избори. Голем број водечки американски личности се склони, особено по впечатоците од најновата средба на Трамп и Путин пред два дена во Хелсинки и неговата јавно снисходлива наклонетост кон Русија, но особено кон личноста и политиката на нејзиниот претседател Владимир Путин. Тоа во САД отвори нов бран обвинувања, протести и реагирања на адреса на претседателот Трамп. По тој повод освен поединци од редовите на ЦИА, се огласија и американските демократи, барајќи од американскиот сенат преиспитување на целокупната надворешна политика на владејачките републиканци, односно на нивниот претседател, кој од доаѓањето на чело на САД перманентно е подложен на критики за она што го прави или презема на надворешнополитички план.

Меѓутоа американско-руската сајбер-војна не се сведува само на случајот на рускиот упад во базите на податоци на американските политички партии и на власта. Цел на таа војна се и богатите фирми и компании и подривањето на нивната финансиска моќ и предизвикувањето општа економска нестабилност. Се смета дека на овој начин американските највлијателни компании годишно трпат штета од околу 100 милијарди долари. Во тој контекст карактеристична е и изјавата на Мајк Помпео во својство на шеф на ЦИА, кој, меѓу другото, вели: „Мошне е јасно дека руското хакирање на нашите информации е насочено да влијае врз стабилноста на нашата демократија. Тоа е агресивна акција предводена од високото лидерство на Русија“.

Меѓутоа и одговорот од другата страна не заостанува со својата жестокост. Ако Русија се обвинува што ги хакирала изборите во САД, ЦИА се товари со „кражба на информации директно од Кремљ“, за да дојде до компромитирачки податоци за бизнис-зделките и потеклото на „огромното богатство на Владимир Путин“, или, пак, шпионирањето на германската канцеларка Ангела Меркел, како и некои други заемни малициозни обвинувања. На остатокот од светот, кој навидум е на маргините на меѓусебната валкана игра на главните играчи САД и Русија, исто така не му се пишува ништо поубава или подобра судбина, кога се во прашање последиците од сајбер-синдромот, тоа е најопасно средство за иднината на векот и светот отсега натаму.
Сајбер-војната од политиката, разузнавањето, воениот комплекс и финансиите се прелеа и врз социјалните мрежи, интернет-порталите и медиумите, каде што врие од лажни вести, нарачани коментари, хакирање на приватните статуси. Само Фејсбук, според некои податоци, дневно доживува околу 600.000 хакерски напади. На тој план ништо подобра ниту, пак, поинаква не е и состојбата на македонскиот сајбер-простор, но тоа е тема за некоја друга пригода, на која не треба да се чека толку долго.