Зделката на Борусија околу ангажирањето на Санчо, Лотар Матеус ја нарече „добивка на лотарија“

Престижната интернет-страница „Гол“ (goal.com) објави листа со 50 најперспективни светски фудбалери, водејќи се според бројот на настапите за првиот тим, потенцијалот и вкупните спортски, маркетиншки и други карактеристики

Младиот англиски фудбалски репрезентативец Џејдон Санчо (18), фудбалерот на Борусија Дортмунд, сезонава блеска во редовите на германскиот тим, кој е на лидерската позиција во Бундес-лигата. Тоа беше причината за добивање на наградата за најдобар млад светски фудбалер (до 19 години), која ја доделува престижната интернет-страница „Гол“(goal.com).
Зделката на Борусија околу ангажирањето на Санчо, Лотар Матеус ја нарече „добивка на лотарија“! Таквата споредба и не е далеку од вистината, бидејќи Борусија го купи Санчо од Манчестер сити во 2017-та за 10 милиони евра, а во моментов неговата цена на фудбалскиот пазар е 10 пати повисока.

– Тој е предобар. Може да направи работи што ретко се гледаат – гласеше констатацијата на Михаел Зорк, директорот на Борусија, за Санчо.

На листата се наброени 50 најперспективни светски фудбалери, според бројот на настапите за првиот тим, како и според потенцијалот и вкупните спортски, маркетиншки и други карактеристики, кои ги оценуваат 42 познавачи на фудбалските услови во светот. Зад Санчо, на втората позиција е младиот напаѓач на Реал, Бразилецот Винишиус јуниор, кој неодамна дебитира и за најдобрата селекција на Бразил. Реал за него пред две години плати 45 милиони евра, што тогаш се чинеше премногу, но се чини дека и не било така.

Трет на листата е англискиот интернационалец, напаѓачот на Челси, Калум Хадсон-Одои, за кого во јануарскиот преоден рок Баерн понуди 35 милиони евра. Челси не сакаше ни да чуе за продажба на Хадсон-Одои, светскиот првак (до 17 години), во меѓувреме менаџерот Маурицио Сари му даде поголема минутажа, а дебитира и во најдобрата селекција на Англија.

Потоа на листата е уште еден англиски фудбалер, Фил Фоден од Манчестер сити. Тој ретко добива шанса кај Пеп Гвардиола, кој, пак, има само пофални зборови за него. „Станува збор за огромен талент, за вистински фудбалски дијамант“, изјави Гвардиола неодамна.

Следува уште еден Бразилец, фудбалерот на Сантос, 17-годишниот Родриго, за кого е заинтересиран Реал и кој наводно веќе го договорил неговиот трансфер летово за околу 40 милиони евра. На шестото место е Алфонсо Дејвис, Канаѓанецот со потекло од Гана, кој зимава замина во Баерн од Ванкувер вајкапс за 20 милиони евра. Италијанците големи надежи полагаат во Сандро Тонали, играчот на Бреша, која настапува во Серија Б. Тонали е играч од средниот ред, го нарекуваат и нов Андреа Пирло. Тој е стандарден во селекциите на Италија (до 19 и 21 година), а неодамна доби покана и од селекторот на А-репрезентацијата, Роберто Манчини.

Мексиканецот Диего Лаинез во јануари годинава од Клуб Америка помина во шпански Бетис, за 14 милиони евра. Левоногиот напаѓач, кого го споредуваат и со Лионел Меси, пролетва го привлече вниманието со добрите игри, а стана и вториот најмлад мексикански играч што постигнал гол во натпреварите на УЕФА, на мечот Бетис – Рен, во Лига Европа (ЛЕ).

На деветтата позиција на листата најдобри тинејџери е напаѓачот на Јувентус, Мојс Кин, кој лани есента дебитира за Италија и веќе постигна два гола, а постигнуваше голови и за Јуве и веќе собори повеќе рекорди.

Листата со првите 10 млади таленти ја заокружува уште еден Англичанец, Морган Гибс-Вајт, плејмејкер на Вулверхемтпон, кој на дебито против Челси во декември лани (2-1) асистираше при постигнувањето на победничкиот гол.

На листата следуваат Рајан Сасењон (Фулам), Феран Торес (Валенсија), Софијан Диоп (Монако), Етан Ампаду (Челси), Ерик Гарсија (Манчестер с.), Мејсон Гринвуд (Манчестер ј.), Тимоти Веа (Селтик), Паулињо (Баер), Агустин Алмендра (Бока јуниорс), Орелиен Чуамени (Бордо), Доминик Шобошчани (Салцбург), Беноа Бадијашиле (Монако), Ки-Јана Ховер (Ливерпул), Пјетро Пелегри (Монако), Хамед јуниор Траоре (Фиорентина), Јан- Фиете Арп (Хамбургер), Абел Руиз (Барселона), Канг Ин Ли (Валенсија), Вилем Губелс (Монако), Рајан Гравенберч (Ајакс), Рајан Брустер (Ливерпул), Емил Смит Роу (Арсенал), Ерлинг Браут Халанд (Салцбург), Џон Сарџент (Вердер), Линколн (Фламенго), Серхио Гомез (Борусија Д.), Хилијан Алварез (Ривер плата), Хуан Миранда (Барселона), Амине Гуири (Лион), Озан Кабак (Галатасарај), Тиаго Алмада (Велез), Леонардо Кампања (Барселона СЦ), Антонио Марин (Динамо З.), Габриел Бразао (Парма), Анте Палаверса (Манчестер сити. Хајдук), Мухахед Ихатарен (ПСВ), Бренер (Сао Пауло), Јари Вершарен (Андерлехт), Такефуса Кубо (Јокохама/Барселона), Кристијан Фруктл (Баерн).